Гладис Берџиклиан избрана за премиерка на Нов Јужен Велс

Досегашната министерка за државен трезор, Гладис Бер­џик­ли­ан стана 45-от премиер на Нов Јужен Велс од кога за нов лидер едногласно ја одбра Либералната партија по формалната номинација за време на состанокот на клубот на пратеници во парламентот на Нов Јужен Велс. А Доминик Перотети, досегашниот министер за финансии е новиот заменик лидер на Либералната партија, соопшти Крис Патерсон, претставник на партијата.

Бер­џик­ли­ан е умерена личност која повеќе е свртена кон лево во рамките на својата партија и единствена која се пријави за преземање на кормилото од кога Мајк Баирд минатата недела го најави своето пензионирање. Таа е прва жена премиер на Нов Јужен Велс од редовите на Либералите и втора жена на оваа позиција.
Избрана е за пратеник во изборната единица Willoughby во северниот дел на Сиднеј во 2003 година, беше министерка на државниот трезор и министерка за односи во индустријата и за време на својата 14 годишна кариера непрекинато се искачува нагоре во политичките редови. До следните државни избори има уште две години, така што Берџиклиан, која има ерменско потекло ќе има време да остави добар впечаток кај гласачите и ќе се обиде да направи промени и освежување во кабинетот. Се очекува значителна промена на составот на кабинетот, се претпоставува дека Џилиан Скинер би можела да го загуби местото министерка за здравство, додека Брад Хазард би можел да го загуби местото министер на услуги на заедницата, а нив би требало да ги заменат нови луѓе. Исто така, веројатно е дека повторно ќе се разгледуваат неколку непопуларни иницијативи кои произлегоа од владата на Баирд, вклучувајќи го и присилното спојување на советите во обид да се намали притисокот од коалициониот партнер Националната партија.
Баирд неочекувано го најави своето заминување од политиката, а како причина ги наведува сериозните здравствени проблеми со кои се соочуваат неговите родители и сестра му. Тој на оваа позиција беше две години и девет месеци.

Останати вести