„Гласоечко“ впишано во листата на УНЕСКО

Гласоечкото машко двогласно пеење од Долни Полог (Тетовско) е впишано во листата на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото за ургентна заштита, на седницата на Меѓувладиниот комитет на Конвенцијата на УНЕСКО која се одржа од 30 ноември до 5 декември во Намибија. 

“Гласоечко е традиционална форма на вокална музика специфична за овој регион. Ова карактеристично полифоно пеење, кое со генерации се пренесува усно, се препознава како симбол на културниот идентитет на македонскиот народ од овој регион кој токму во гласоечките песни ги вградил својата историја, митологија, традиција и култура. Задоволство и чест е што на овој состанок, од осумте предложени добра за впишување на оваа листа, Република Македонија се најде во четирите прифатени и впишани добра со што и перспективно се отвораат можности за финансиска поддршка од УНЕСКО за негова понатамошна заштита и афирмација на домашно и на меѓународно ниво”, соопшти Министерството за култура.
„Гласоечко” е трето културно добро кое Република Македонија за многу кратко време го впиша во листата на заштитени добра на УНЕСКО. Пред две години Македонија на оваа листа го впиша уникатниот верски обичај од Штипско – „Четрсе”, а минатата година и македонското оро „Копачка”.

Останати вести