Една од клучните дилеми е зошто токму кај обиколницата се случи главниот ударен бран. Зошто таму се собрала водата, а не низ одводните канали кои треба да бидат составен дел од обиколницата која беше (нели) градена согласно сите стандарди:
„Главниот ударен бран дојде од Скопска Црна Гора, а главна причина е што имаме голем број поројни водотоци, посебно во делот над Стајковци и Арачиново каде планината е речиси целосно соголена и не може никако да се апсорбира во земјиштето. И таа вода јурнува во некои собирни канали и затоа токму таму удри. Јас барем колку што сум бил на терен можам да кажам дека голем дел од тие канали кои што треба да бидат беспрекопрно расчистени и проодни за вода за жал се често наполнети со шут и разни отпадоци и наместо да бидат ултрапроодни тие се закрчени предизвикуваат разлевање во просторот што се покажа катастрофално”, смета универзитетскиот професор Ивица Милевски.
Клучно според него е во наредниот период надлежните засилено и сериозно да се посветат на превенцијата бидејќи сите прогнози упатуваат дека Македонија повторно ќе биде изложена на уште поинтензивни врнежи:
„Превенцијата е единствено можна преку изградба на нови и средување на старите дренажни канали, поголема проточност на вакви води кои можат да направат поголеми проблеми кон коритото на Вардар која сега има релативно голема апсорбциона моќ, освен во делот на Петровец каде треба да се води сметка да се уреди коритото. Да се посвети и многу повеќе внимание и на биотехничките мерки кои значително влијаат на апсорбирање на ваков тип на води но и да се средат запуштените и неисчистени канали во кои се фрла шут и отпад. Луѓето не размислуваат кога фрлаат отпад, но видовме какви можат да бидат последиците”, предупредува Милевски.
“Поплава на одговорноста”
Преку социјалните мрежи голем број од граѓаните искажаа критика зошто не биле преземени соодветни мерки за превенција. Дел од нив поплавата ја нарекоа „поплава и на одговорноста”. Еве некои од твитовите:
„Скопје има 1335 км патна мрежа, а 260 км атмосферска. Нека ви биде ова корисен податок пред другпат да речете не мешајте политика”.
„Браво политичари, само вие градете цркви и џамии и крстови, таман да се помолиме за загинатите”.
„Плаќаме данок за да има канализација, опрема, пожарна, единици за ваков случај, за помош. Некој треба да одговара што ништо од тоа немаме”.
„Ќе кажат природна катастрофа не се контролира и вистина е. Ама се контролира изградба на атмосферски канализации наместо Скопје 2014″.
Се случи “водена бомба” – колку дожд наврна?
Според Хидрометеоролошкиот завод (ХМЗ), големиот облак во форма на потковица се формирал од другата страна на Солунска Глава. Природниото движење би било да помине над Скопје и да се упати преку СЦГ на територијата на Косово и Србија. Но, поради силниот контра-ветар од 80 км/ч, облакот застана над Скопје и тука целиот се излеа. И тоа во два наврата, откако самиот се регенерираше и создадае нова ќелија (вториот талас на силни врнежи, од 22 до 02 часот).
Според податоците на ХМЗ, на мерната единица на Зајчев Рид од 18 часот во саботата до 02 часот во неделата бил измерен воден талог од 93 л/м2. На мерното место во Петровец (кај Аеродромот “Александар Велики”) за истото време е измерено дека паднал дожд од само 5 л/м2!?
Меѓутоа, експертите тврдат дека над Црешево, Стајковци и Арачиново имало многу поголеми врнежи од дожд, со претпоставка дека количината се движела и до 130 л/м2 за критичните 8 часа.
Оваа ситуација беше окарактеризирана како “водена бомба”. Вечерта над Скопје беа регистрирани над 1,000 удари на громови.