Фолк-пејачката Зоре Мицевска (39) промовираше песна и спот што ги посвети на бившиот сопруг.
Таа вели дека песната „Го фрлам прстенот” е симбол на нејзината слобода по разводот, но и на слободата на поранешниот сопруг со кого поминала 18 години во брак.
„Кога од Скопје заминав во Сиднеј имав само 19 години. Млада се омажив од љубов, и сопругот секогаш ми беше поддршка во кариерата. Но како што минуваа годините, јас созревав и дојде период кога бракот започна да ме гуши, кога почнав да посакувам да сум сама. Мислам дека истото го чувствуваше и сопругот, кој е нашинец по потекло, па и двајцата решивме дека е подобро да си го продолжиме животот секој на своја страна.
Сега ни е многу подобро кога сме само другари, отколку кога бевме партнери, и двајцата сме среќни. Песната „Го фрлам прстенот” ја снимив веднаш по разводот и ја посветувам на сите разведени”, изјави Зоре за песната чии автори се текстописецот Огнен Неделковски и композиторот Артран Кастрати. Пред да ја започне соло кариерата, таа често пати беше придружен вокал на познати пејачи за време на нивните концерти во Австралија. Вели дека српските пејачи Миле Китиќ, Саша Матиќ, нашиот Зоран Ванев и многу други пејачи соработуваат со неа кога имаат турнеи низ Австралија.
(В.К.)
