Сто и четиринаесет години од загинувањето на Гоце Делчев

Минатава седмица се одбележаа 114 години од смртта на револуционерот Гоце Делчев, кој на 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница.

Во Мелбурн минатава сабота по воспоставената традиција пред споменикот на великанот во дворното место на “Св. Георгиј и Пресвета Богородица” во Епинг, беа одбележани 114 години од смртта на револуционерот Гоце Делчев, кој во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Панихида одржа парохискиот свештеник Климент Станковски, а за делото на Гоце Делчев говореа Ѓорги Влахов и Васко Настевски. Потоа претставници од следните организации положија свежи цвеќиња и венци пред бистата на Гоце Делчев: Македонската Православна Општина за Мелбурн и Викторија, Децата Бегалци, Пензионерското друштво Св. Георгиј, КУД Светлост, КУД Гоце Делчев, Австралиско Македонски Комитет за Човечки Права, Македонското патриотско друштво и Боб Велински од македонскиот радио час на 3WBC.
После свеченоста, МПОМВ приреди топол прием за сите присутни во помошните простории на црквата.
Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.
По убиството, неговите посмртни останки првин се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас” во Скопје.

Останати вести