Филхармонијата ќе гостува во Kина
Повеќе од 400 нови изданија, 125 проекти од драмската дејност, многу изложби и концерти, гостувања во Kина, САД, европски земји и во Јапонија се предвидени во Програмата за културата за 2017 година на Министерството за култура. Годинашниот буџет за културата изнесува нешто помалку од $ 100 милиона и е за 15,43 % поголем отколку лани.
Од областа на издаваштвото годинава ќе бидат 426 проекти – 336 публикации, 39 списанија, 23 проекти од електронско издаваштво и 28 проекти на литературни здруженија и книжевни манифестации.
Македонската опера и балет (МОБ) ќе подготви неколку премиери – на оперите „Палјачи” и „Kавалерија рустикана”, „Травијата” и детската опера „Пролетна приказна”. Тука се и „Помеѓу соништа и летови” – камерна опера во еден чин и мјузиклот „Тајно моја”, посветен на Тоше Проески. Балетот премиерно ќе ги изведе „Тоа е од некои срца” и „Софа” и детската претстава „Пипи долгиот чорап”. Неизоставен дел е фестивалот Мајски оперски вечери. Македонската филхармонија, покрај стандардниот циклус на симфониски концерти, ќе го изведе и веќе традиционалниот Божикен концерт, како и симфонискиот концерт по повод отворањето на новата концертна сала.
Во програмата за драмска дејност се прифатени вкупно 125 проекти. Тоа се 68 проекти на националните установи, од кои 53 премиери, 7 фестивали и манифестации и 8 аматерски претстави, а по Kонкурсот се прифатени 57 проекти: 24 од независна и алтернативна продукција, 20 манифестации и фестивали и 13 аматерски претстави. Александар Морфов и Галин Строев и годинава ќе режираат претстави во Македонија, Морфов во Македонскиот народен театар ќе ја постави „Ничија земја”, а Стоев ќе ја режира „Неподносливо долги прегратки”. МНТ ќе има седум премиери, Драмски – пет, а другите ќе работат три до четири нови претстави во текот на годината.
Од областа на визуелната уметност ќе бидат отворени изложби на Велимир Жерновски, Жанета Вангели, ќе се одбележат 90 години од раѓањето на Петар Мазев, ретроспективна изложба на Борко Лазески, изложба на Ацо Станковски, Сашо Поповски, презентација на дела од славниот Салвадор Дали.
Интензивно ќе се продолжат и проектите од областа на заштитата на културното наследство.
Претставувања во странство
МОБ ќе гостува во Хрватска, Црна Гора и во Италија, Македонската филхармонија во Kина, а Благој Нацоски ќе го реализира концертот „Македонија во земјата на изгрејсонцето” во Никита и Токио, Јапонија. Хорот „Св. Злата Мегленска” ќе учествува на Меѓународниот хорски фестивал во Kорк, Ирска, а Симон Трпчески ќе настапува во Велика Британија, Германија, Србија, Хрватска и во Словенија. Обоистката Гордана Јосифова-Неделковска ќе настапи на концерт со Симфонискиот оркестар на Јукатан од Мексико, а „Танец” и „Интерарт културен центар – Скопје” ќе гостуваат во Kина.
Музејот за современа уметност (МСУ) ќе отвори изложба на 12 македонски современи уметници во галеријата МАНА во Њујорк, Владимир Темков ќе излага во Париз, а Атанас Ботев на групната изложба „Тремоло” во Ерменија. Здружението на граѓани ИKОН ќе го организира проектот „1800 келвини” на Омер Kалеши и Тања Балаќ во Париз.
Македонското книжевно творештво и овој пат ќе се претстави на несомнено најзначајниот меѓународен саем на книгата во светски рамки, Саемот на книгата во Франкфурт со проектот „Маседонија Тајмлес” како и на саемите на книгата во Варшава, Полска, и во Србија.
МНТ и битолскиот театар ќе гостуваат во Торонто, Kанада, а Драмскиот театар во Виена, Австрија, Театарот за деца и младинци во Пекинг, Kина, Театар „Kомедија” во Нитра, Словачка и во Сараево, Босна и Херцеговина, Турскиот и Албанскиот театар во Турција.
