Годишна археолошка изложба: Вредни артефакти од 11 локалитети откриени лани

Завршната годишна археолошка изложба по деветти пат е поставена во Археолошкиот музеј во Скопје. Се работи за поставка која ги вклучува најинтересните наоди од годината што изминала, а овојпат таа вклучува вредни артефакти од 11 археолошки локалитети, некои познати во научната сфера, а некои за првпат откриени изминатава година. 

Според директорката на Археолошкиот музеј, Весела Честоева, оваа изложба е уште еден поглед во богатото културно наследство на Македонија.
– Археолошкиот музеј оваа година реализираше два поголеми проекта како дел од владините капитални проекти, од кои „Археолошки катастар” каде што раководител е Владимир Атанасов и археолошките истражувања на локалитет Китино кале во Кичево, под раководство на м-р Орданче Петров – рече Честоева.
Со проектот „Археолошки катастар” се изведени интензивни теренски активности на старите градови и тврдини во територијата на Македонија. Пронајдени се стотици сребрени и бронзени монети од антиката и средниот век, како и други археолошки наоди. Околу педесет проценти од истражуваните локалитети се за првпат откриени токму во 2015 година.
– Ние по туѓото културно наследство не посегнуваме, но нашето го цениме и преку него сакаме светот да неѐ препознае. Од десетте илјади археолошки пронајдоци од оваа година, посебно внимание предизвикуваат монетите на кралевите на античкото кралство Македонија – рече директорот на Управата за заштита на културно наследство, Виктор Лилчиќ Адамс.
Наодите од истражувањата на античкиот театар Скупи заземаат значаен дел од поставката, бидејќи годинава беше целосно археолошки истражен и почната е конзервација на сценската зграда.
Поставката вклучува и артефакти од познатите наоѓалишта или антички градски центри. Билазора кај Свети Николе, извонредно богатиот пајонско-македонски град Градиште кај селото Младо Нагоричане, Кумановско, античкиот град Стибера во областа Девриоп, потоа Пелагонија, локалитетот Старо Бонче, Прилепско, праисториската опсерваторија Кокино, Кумановско, Еминбеговата кула во Кратово и, за првпат годинава, античкиот град во Кичево на локалитетот Китино кале.
– Овие артефакти несомнено го потврдуваат и поткрепуваат идентитетот на македонската историја. Тие се несоборлив доказ за нашето постоење. Заштитата на културното наследство е наша посебна грижа и грижа на Владата на Р.Македонија. Сакам да истакнам дека институциите од областа на заштитата на културното наследство, заводите и музеите, нашите стручни лица извршија реставрација и конзервација на архитектурата на стотици споменици – рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
На отворањето на годишната Археолошка изложба присуствуваше и претседателот на Владата, Никола Груевски, кој истакна дека изложените артефакти имаат историско и културно значење за нашата земја.
– Илјадници години стара цивилизација презентирана преку злато, керамика, сребро, бронза, железо. Многубројни визуелни траги кои се резултат на една слоевита историја на нашите простори, која не е од некоја историска книга, туку многу повеќе од тоа – рече Груевски и истакна дека од особен интерес оваа година побудуваат истражувањата на досега најголемиот антички објект откриен во Македонија – театарот во Скупи.

Останати вести