Mузејсkи реплиkи во Сkопје најмногу kупуваат Кинезите, во Охрид – Холанѓани и Турци.
Странците кои доаѓаат во Македонија како и домашните фирми се најчести купувачи во музејските продавници, велат директорите на неколку музеи во земјата.
Странците купуваат за себе, фирмите за подароци на нивните странски партнери. Најпродавани се комерцијалните копии на Златната маска од Охрид, на теракотната фигура Големата мајка, накитот од хеленистичкиот период и глинените релјефни чаши, а се продаваат и стручна литература, мапи и ситни сувенири. Некои од музеите сами ги произведуваат комерцијалните копии на своите експонати, а другите продаваат реплики произведени од Музејот на Македонија.
Во музејската продавница во Археолошкиот музеј во Скопје најчести клиенти се туристите од Кина.
– Има многу голем интерес, доста се троши, а клиентите се главно странци. Има многу Kинези, наши од дијаспората, но купуваат и институции за рекламен материјал и подароци. Продавницата работи веќе една година и задоволни сме. Најбарани се репликите на експонатите, но продаваме и разгледници, карти, научна литература… Дел од тоа се книги што ние ги издаваме, но имаме и договори за консигнација со издавачки куќи – вели директорката Весела Честоева.
Многу се продаваат и ситните сувенири, како магнети, рекламен материјал…
Во музеите велат дека немаат проценки колку заработуваат од своите продавници, затоа што пресметките ги прават на крајот на годината. Цените на репликите, според каталозите, се движат од неколку стотици до неколку илјади денари. Kаталошката цена на комерцијална копија на глинената фигура Големата мајка, на пример, е 1.650 денари (околу $ 40), а „поситните” копии, како глинени чаши, се 400-500 денари. Најевтините комерцијални копии на музејски експонати, според каталозите, се околу 200 денари (околу $ 5). Сите комерцијални копии на музејските експонати се продаваат со сертификат.
Kомерцијалните копии на глинени чаши се најпродавани предмети во музејските продавници на Музејот во Гевгелија и на Заводот за заштита на културните споменици и националниот музеј во Охрид.
Во Гевгелија најпродавана е копијата од глинена релјефната чаша од 2 век пр.н.е., најдена на локалитетот Вардарски Рид. Според каталогот на музејот, копијата со дијаметар од 125 милиметри чини 400 денари. Гевгелискиот музеј има продавници во музејот, во Стар Дојран и на граничниот премин Богородица.
– Се купува. Најпопуларни се копиите на релјефната чаша со мотив на македонски штит, од Вардарски Рид. Секојдневно имаме посетители во продавниците, а речиси секој ден и продаваме по нешто – вели Емил Сламков, директор на гевгелискиот музеј.
Мегарските чаши, глинени чаши наречени според грчкиот град Мегара, каде што првпат е откриен таков тип чаши, се најпродавани комерцијални копии во продавницата на охридскиот музеј.
– Продаваме комерцијални копии од свое производство, кое го имаме од поодамна, и од Музејот на Македонија. Не можам да кажам дека нема интерес, особено за мегарските чаши. Имаме неколку вида, тие се продаваат повеќе. Главно ги купуваат туристи од странство, најмногу Холанѓаните, Турци, доста купуваат Србите… – вели Тања Паскали-Бунташеска, директорка на охридскиот Завод и музеј.
(“Дневник”)

