Поставката во Бакингемската палата вклучува повеќе од 250 експонати што кралицата Елизабета Втора ги добила како подарок од повеќе од 100 земји. Британските медиуми, кои пишуваат за изложбата, ја издвојуваат „Големата мајка” како еден од поинтересните експонати меѓу подароците за кралицата.
Копија на „Големата мајка” е меѓу експонатите што ќе бидат изложени во Бакингемската палата во Лондон на поставката која вклучува подароци што британската кралица Елизабета Втора ги добила за време на своето 65-годишно владеење. Британските медиуми, кои пишуваат за изложбата, ја издвојуваат „Големата мајка” како еден од поинтересните експонати. Оваа реплика на познатата теракотна неолитска фигура откриена во Тумба Маџари (кај Скопје), на кралицата во 2013 година и ја подари Јован Донев, амбасадор на Република Македонија во Велика Британија.
„Големата мајка” е меѓу примероците што палатата ги објави како најава за изложбата.
Поставката во Бакингемската палата вклучува повеќе од 250 експонати од повеќе од 100 земји. Изложбата, која ќе се отвори на 22 јули, за време на традиционалното летно отворање на Бакингемската палата, ќе се фокусира на локалните рачни изработки што ја следат традицијата на земјите од кои потекнуваат.
Меѓу експонатите е и колоритниот престол од Јоруба, кој кралицата го добила на подарок кога ја посетила Нигерија во 1956 година. Мотивите на престолот имаат спиритуално значење, кое вклучува и почит кон предците.
Меѓу подароците е и дрвениот тотем на племето Квакиутл, кој на кралицата ѝ го подариле за време на посетата на Канада во 1971 година. Тоа не е единствениот тотем што го добила британската кралица. Во 1958 година од Британска Колумбија добила на подарок триесетметарски тотем што стои во паркот во Виндзор.
Посетителите ќе можат да ги видат и кошниците исткаени од лисја од кокос, кои кралицата ги добила од племето Тонга во 1953 година, кои се типичен пример на креативната индустрија на овој островски народ.
Размената на подароци е важен сегмент од нејзините посети и турнеи и претставува гест на добра волја меѓу две земји.
Во 2015 година за време на посетата на Кина, претседателот Си Џинпинг ѝ подари на кралицата модел на кинески брод од 15 век, украсен со гулаб, маслинови гранчиња и традиционални симболи на пријателство и мир.
Меѓу невообичаените подароци што ги добила Елизабета е и вреќа сол од Солт Ајленд, еден од Британските Девствени Острови по повод нејзиниот 90-ти роденден. Британската монархија секоја година, традиционално, добива вреќа сол како симболичен подарок.
Составен дел од поставката е и садот за овошје рачно изработен од замбискиот претседател Кенет Каунда во 1991 година, во кој има и банана, круша и грозје изработени од сребро.
Кралицата Елизабета, која најдолго владее во историјата на британската монархија и најмногу патува, досега имала повеќе од 250 посети на други земји за време на своето 65-годишно владеење.
Подароците што ги добила кралицата ќе бидат составен дел од изложбата на летното отворање на палатата годинава и ќе ја раскажат приказната за кралицата за време на нејзиното владеење. Меѓу подароците се и оние од поранешни светски лидери, како американскиот претседател Двајт Ајзенхауер, поранешниот африкански претседател Нелсон Мендела. Изложбата всушност нуди ексклузивен поглед во уметноста од целиот свет.