Детали од големата кражба во НЛБ

Бобан С (40) од Скопје, трезористот во “Нова Љубљанска Банка” (НЛБ) кој украде над $ 4 милиона е веќе една недела во притвор.

Против него е поднесена кривична пријава за “затајување”, за што е предвидена максимална затворска казна од пет години!? Од МВР наведуваат дека е извршен претрес во неговиот дом и на други локации во Скопје, но парите не се пронајдени.
Според информациите на МВР, Бобан С. во периодот од 6 до 10 април крадел пари во повеќе наврати со што успеал да однесе вкупно 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра. Судот му одреди притвор од 30 дена.
Бобан С., кој бил вработен во Службата за трезорско работење, крадел во време кога имало намалена фреквенција на луѓе и кога знаел дека нема никој да го забележи.
„Првиот износ го затаил на 6 април од пратка пари што требало авионски да се испрати во Швајцарија. Од купчето во износ од 1 милион швајцарски франци едноставно извадил едно врзопче со 100 банкноти во апоени од 1.000 швајцарски франци (100.000 франци) кои ги присвоил за себе. Вториот износ го затаил на 7 април, искористувајќи погодна пригода, при што незабележан од никого во неколку наврати првично противправно присвоил 375.000 евра готовински парични средства од трезор, а потоа на 8 април уште 300.000 швајцарски франци, кои му биле доверени согласно работните задолженија во НЛБ банка”, соопшти МВР.
За движењето на осомничениот постојат видео-записи од надзорот на банката.
На почетокот од следната седмица, на 10 април, соочен со фактот дека е невозможно да изврши раздолжување со настанатиот кусок на парични средства присвоени од негова страна, свесно украл уште 2 милиона швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор. Ги ставил парите во украсна кеса и околу 13 часот незабележан од никого ја напуштил банката.
Парите цело време ги изнесувал во кеаса бидејќи на вработените во трезорот на НЛБ не им е дозволено да внесуваат торби и ранци.
Истиот ден, на крајот од работното време, нешто пред 17 часот, директор од НЛБ во полиција ја пријавил кражбата.
Полицијата не очекувала дека Бобан С. ќе го најде дома, но за секој случај испратила двајца позорникари да проверат. Тие заѕвониле на вратата од станот на осомничениот и се изненадиле кога тој им ја отворил вратата. Веднаш го привеле во полициска станица и започнале да го испрашуваат за тоа каде се парите. Засега нема таква информација.
Од МВР наведуваат дека е извршен претрес во неговиот дом и на други локации во Скопје, но нема трага од нив.
Истот така, се дознава дека полицијата ја проширила истрагата и врз братот на Бобан С. Сомнежот е дека тој не бил сам во целата операција. Братот инаку е вработен како сметководител во Народната банка на Република Македонија, меѓутоа таму немал никаков допир со пари. Тој изминатите денови не одел на работа.
Бобан С. живеел во новиот дел од населбата Ново Лисиче, оженет е, татко на две малолетни деца. Колегите го опишуваат како мирен и срдечен колега кој никогаш немал нарушени односи со никого и се чудат како е можно да извршил такво дело.

Најголем грабеж досега во Македонија

Грабежот во НЛБ банка е најголем во Македонија и меѓу поголемите во регионот, но и прв ваков каде што поединец успеал да украде толкава сума.
Досега најголем плен имаа разбојниците кои во 2005 година од комбе на „Македонска пошта” украдоа 670.000 евра, како и во 2008 година во Чаир кога исто така од возила на „Пошта” беа украдени 600.000 евра. Имаше и неколку грабежи на пари од неколку банки, но во помали износи. Заедничко за сите е дека парите не беа пронајдени.
Во недостиг на официјални информации се јавуваат многу шпекулации за грабежот. Сепак, криминалистите сметаат дека крадецот, најверојатно, дејствувал според однапред подготвен план бидејќи станува збор за голем грабеж.
Тој знаел дека ќе биде откриен, но целта му била да ги скрие парите или да ги даде на други лица. Од друга страна, не е исклучено тој да дејствувал во афект поради одредено незадоволство од надлежните во банката, па ја ограбил. Можно е да дејствувал импулсивно поради одредени лични проблеми, па одлучил да ја ограби банката, но немал одреден план. Но, многу повеќе ќе биде познато кога ќе бидат обелоденети деталите за случајот и ако во меѓувреме полицијата ги пронашла парите.
Според експертите, ако парите не бидат најдени, штетата ќе биде надоместена од профитот на банката, односно клиентите ќе бидат обесштетени за сметка на акционерите на банката.

Останати вести