Албанија не вложува ниту пара во Голо Брдо

Цела година сме без работа, освен кога береме јаболка во Ресен и цреши во Грција
Освен пред избори кога за да ги добијат гласовите ни ветуваат се, Албанците не не погледнуваат и ништо не сакаат да знаат за нас. Живееме на страна како отфрлени – без пат, без пари и без работа, велат жителите на Голо Брдо.

Во 12 села во овој пограничен регион, кој спаѓа меѓу најсиромашните во Албани­ја, живеат речиси 12 илјади Македонци. Тие имаат исламска вероисповед, но македонскиот е нивен мајчин јазик. Велат дека имаат секакви проблеми: нема асфалт, нема водовод и, иако се приклучени на струја, поради слабиот напон прекините се чести и целодневни, но сепак најголем проблем се лошите, одвај проодни патишта и големата беспарица и сиромаштијата. Дека патот е навистина лош, се уверивме и самите, многу бргу кога ги поминавме првите населени места на албанската страна по граничниот премин Блато кај Дебар. Патокази нема некаде. Ако на почетокот луѓето што работеа на нивите и кои зборуваат само албански со мимики ни помагаа да го најдеме патот кон Острен, потоа немаше никаква помош. По многу долго возење, на патот сретнавме старец, кој на архаичен македонски ни рече дека за Острен мора да се вратиме неколку километри назад бидејќи сега сме на трасата за Елбасан.
Го најдовме селото според инструкциите. Сите што не видоа дека сме стасале со автомобил, не предупредија никако да не продолжуваме кон другите села бидејќи натаму патот е толку лош што одвај може да се помине и со џип. И ни покажуваат дека на платото над селото се одржува пазарот, на кој секој четврток доаѓаат да се снабдат и да се видат жителите буквално од сите села на Голо Брдо.
– Еве, продавам компири за јадење и за семе оти само тоа добро успева кај нас во Kлење. Не сме далеку од овде, но за да ги донесам тешките вреќи, со автомобил ни требаа три часа по земјениот пат. Патиштата се лоши и повеќе од три часа патуваме до Елбасан. Живееме од чување стока, а освен компири, садиме и малку ‘рж и пченица. Немаме лекар. Селото има 50 куќи, но младите ни бегаат во градовите. Син ми беше стипендист на македонската влада и во Скопје изучи факултет за наставник. Но, еве веќе петта година седи дома без работа – вели Емрие Kац.
Иако на прв поглед пазарот изгледа хаотично бидејќи половина од стоката се продава на земја, кога ќе го поминете еднаш-два пати, станува јасно дека нуди се. Од овошје и зеленчуци и семиња за нив, до телиња и овци кои се колат и дерат на самото место, а муштериите може да купат месо колку што сакаат. Се продаваат турски и кинески алишта, обувки, играчки, тенџериња, а храната и пијалаците се единствено од Македонија. Така е и со брашното, кое овде е убедливо најбараниот продукт и се носи со камиони бидејќи леб сите си месат сами. Луѓето купуваат по 20, 30, па и повеќе килограми и на коњи го пренесуваат до дома.
– Имаме за јадење и пиење. Ги пораснавме децата и сега тие се грижат за нас. Имам ќерка мажена во Ресен. Е, нејзе навистина и е добро. Пензионерка сум. Цели 25 години работев во земјоделската задруга. Сега пензијата ми е 80 евра (околу $ 120) – вели Беаза од Острен, во чиј двор навраќаат луѓето од пазарот за да се напијат вода и да се разладат и одморат.
Токму поради малите пензии, оние што не ќе купат се што им треба на овдешниот пазар, одат по набавки во Дебар. Во Албанија се им е поскапо – од хранатa до бензинот и нафтата. Ни велат дека разликите во цените се и до $ 6 за артикл.
Kако живеат помладите ни раскажуваат браќата Гент (33) и Лоди (30) Муча. Тие живеат во селото Орженово, кое има околу 300 жители и 60-ина куќи.
– Цела година само седиме дома оти овде никаде нема работа. За нешто да заработиме, еден-два месеца одиме во Грција да береме цреши. Понекогаш како надничари береме јаболка и во Ресен, но тоа не трае долго, најмногу 15 дена. Прифаќаме секаква работа во Македонија, ѕидаме, градиме, оти имаме деца и пари мора да се заработат. Kај нас не може да се преживее од земјоделство. А и она што ќе се посади, не дава голем род поради сушата. Во овој дел нема вода. Принудени сме да бараме работа на страна. Не одиме во Тирана бидејќи и таму е голема безработицата и не се снаоѓаат ни тамошните жители – велат браќата.
Немаат свој пратеник – општината провизорна
Жителите на Голо Брдо не веруваат дека некогаш ќе добијат свој претставник во албанскиот парламент. Еве и зошто: според албанскиот модел, за да добие пратенич­ки мандат, потребни се најмалку 10,000 гласа. Иако се вели дека во селата во Голо Брдо има околу 12 илјади на кои македонскиот јазик им е мајчин, сепак, ако веднаш се организираат избори, таму реално би се изброиле околу 6,000 луѓе (другите бараат работа на друго место, најчесто во Грција, Македонија, Италија или Германија). Но и од нив само околу 3,000 би биле со право на глас. А онака како што сега се избира пратеник од овој регион, во секоја варијанта победува Албанец бидејќи етничките Албанци се далеку помногубројни. Иако во центарот на Острен стои табла дека е посебна општина, жителите ја сметаат само како провизорна работа.
– Парите од државата не стасуваат кај нас, туку во Булкизе. Таа е голема општина и, нормално, таму решаваат како и на што ќе се потрошат. Затоа нашата општина е провизорна – велат тие.

(“Дневник”)

Останати вести