РАЗГОВОР СО ГОРДАНА ДИМОВСКА ДОБИТНИЧКА НА ЧЕТИРИ НАГРАДИ ЗА ЛИТЕРАТУРНИ ДЕЛА
На традиционалниот награден конкурс за Прличева награда за 2015 година во организација на Македонското литературно друштво „Григор Прличев” Сиднеј, добивте четири награди. Ова претставува несомнено голем успех а и вложен труд.
Г. Д. – Јас секогаш кога добивам инспирација за некој настан од минатото или тема која не е доволно опфатена во овие литературни форми, пишувам. Во овој случај, двата раскази за возрасни и песната за деца ги спремив специјално за конкурсот а расказот за деца Подарок ми беше спремен од порано но не беше објавен. Морам да кажам дека многу ја ценам долгодецениската работа на „Григор Прличев” кои со години го поттикнуваат пишувањето кај писателите и поети од македонскот потекло во Австралија.
Кажете ни ги вашите први средби со пишаниот збор и вашите први инспирации и творби?
Г. Д. – јас уште како ученичка пишував литературни состави, есеи. Прв состав кој го паметам беше насловен Есен во Македонија во кој многу сликовито ја опишав есента. Потоа како 14 годишна ученичка направив и есеј за патронот на училиштето „Крсте Петков Мисирков” во Бистрица и добив втора награда и бев поканета да го прочитам истиот во студиото на Радио Битола. Првата песна која ја имам напишано се вика Копнеж. Значи кога пишуваш уште од рана возраст тоа е знак на нескриен талент а инспирацијата најповеќе доаѓа од големата љубов кон македонскиот јазик која ја осетив од мојот прв контакт со букварот. Кога мајка ми ми кажа дека ме запишала на училиште во прво одделение, јас и реков “Е од денес нема повеќе играње, сега ќе учам”. Денес како иселеник, пишувам од други причини и побуди. Целта ми е да откривам се што можам за неправдите кои се сторени над нашата земја, последиците од тие историски неправди, пишував многу колумни за сочувување на името Македонија.
Во вашиот поетски дух провејуваат носталгија, љубов, копнеж кон родната Македонија.Со неизмерна љубов ги китиш песните и расказите.Од каде извира толкава љубов и посветеност?
Г. Д. – тоа е сосема искрено чувство – инспирацијата доаѓа од големата љубов кон родината, носталгијата која ја чувствува секој иселеник. Па така сосема нормално се наметнува и потребата да создавам творби и раскази во кои ќе се рефлектираат македонските белези од аспект на иселеник. Постои потреба од создавање на творби и раскази поврзани за просторот и времето во кое се живее но и за историските ликови и настани. Исто така тие треба да бидат блиски на детето од македонско потекло во Австралија на кое ќе му го поттикне интересот и учењето за земјата и историјата. На тој начин, децата кои учат македонски јазик во Австралија ќе имаат голем избор на песни и раскази кои заедно со нивните учители ќе ги спремаат за училишните приредби.
Вашето творештво е збир од есеи ,колумни, научни трудови и пораки. Од кога сето ова го истражувате и од каде толкава упорност, волја, сила и посветеност да го откривате сето тоа?
Г. Д. – Моето творештво се состои од колумни, научни трудови, есеи, песни, раскази, новинарски записи. Поинтензивно започнав со пишување на колумни и научни трудови во 2008 година, поттикната од масовниот протест Македонија Македонци засекогаш во Мелбурн. Јас бев и активно вклучена во неговото организирање заедно со други наши големи патриоти и активисти во Заедницата. Мојата задача беше главно да пишувам објави во медиумите, учество во радио програми со цел да го повикаме народот помасовно да излезе на протест како и припремање на пораки за транспарентите кои ги користевме на протестот. Кога нешто силно сакаш, не постои пречка да не го реализираш.
Кои книги ги имате објавено?
Г. Д. – За првпат се појавија мои песни и раскази во книгата “Од љубов со љубов за Македонија” во 2011 година. Потоа во 2012 година заедно со професорот и писател Ванѓелко Лозаноски ја издадoвме книгата “Љубовната одисеја на Александар Македонски и Бела Ица”. Во 2014 година ја издадов книгата “Вечна светлина над Македонија”.
Бевте успешен просветен работник, заштитник и мисионер на македонскиот јазик, со љубов и мајчинска нежност успешно ги воспитувавте Македончињата во Австралија. Кажете ни нешто повеке за тоа.
Г. Д. – Мојот ангажман во Викториското училиште за јазици започна во 1999 година во Altona Bay Secondary College а потоа започнав во VSL Keilor Downs Secondary College се до минатата година кога поради недоволен број ученици се затвори класот во кој предавав на почетокот на 2015. Тоа беше едно убаво искуство, можност да се предава убавиот Македонски јазик на децата во Австралија а чувството дека нашиот јазик зазема посебно место во ова мултикултурно општество е уште поголемо. Да се надеваме дека повторно ќе дојде до зголемување на бројот на ученици во наредните години затоа што навистина е од голема важност да се зачува во австралиските училишта и да продолжи да го гради културниот имиџ на македонската нација.
Што планирате во иднина да објавите. Дали е во подготовка нова книга?
Г. Д. – Да, дури одговорам на вашите прашања го подготвувам и материјалот за новата книга која ќе содржи раскази и песни а како специјален додаток ќе бидат и неколку историско научни трудови и колумни.
Разговорот го водеше Љубица Поповска






