Грчите медиуми објавија детали за содржината на Нацрт-спогодбата за решавање на спрот меѓу Македонија и Грција, што Никос Коѕијас веќе ја има доставено до македонската Влада.
Документот содржи околу 55 параграфи, со сите отворени прашања, сместени на 20 страници. Предлогот е подготвен од грчкото МНР, опширно разгледан меѓу премиерот Алексис Ципрас и Никос Коѕијас последен пат на 7 март, а ги содржи точките што ги најави и самиот шеф на грчката дипломатија.
Прва точка е името за кое официјална Атина ги вклучува сите пет предлози кои досега Нимиц ги нудел но преферира две можни варијанти: Горна и Нова Македонија, ама само на македонски (јазикот што тие го нарекуваат словенски), без превод. “Ова е нешто што многу тешко ќе биде прифатено од другата страна”, свесни се во Грција.
Друга битна точка од грчките барања е и промена на Уставот на Република Македонија.
Можам јасно да кажам дека во овој момент чекориме по еден доста позитивен пат, вели портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос и додава дека преговорите за името продолжуваат со интензивен ритам.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, портпаролот на грчката Влада уште еднаш ги повтори позициите на Грција во разговорите за името.
– Позицијата на грчката Влада е сложено име, ерга омнес, за севкупна употреба. Што значи тоа? Дека е потребна уставна ревизија за да можеме да стигнеме до заемно прифатливо и одржливо решение. Уставната ревизија ќе се однесува и на името, но веројатно и на иредентистичките позиции што се вклучени во Уставот на соседот. Но, ова се прашања што ќе се решат за време на преговорите, преговори кои јасно е дека ќе завршат со еден Меѓународен договор, бидејќи говориме за договор меѓу две независни држави – рече портпаролот на грчката Влада.
Со став за преговорите излезе и евроамбасадорот во Македонија, Самуел Жбогар, кој изјави дека преговорите кои се водат со јужниот сосед и спорот околу името на Република Македонија одат во добра насока, а ЕУ нема да се ангажираат директно врз тој процес.