Основното јавно обвинителство од Прилепја прифати кривичната пријава за измама против Јасмина Јорданоска-Чебренска и нејзината фирма “Сториа травел”. Издадена е наредба за спроведување на истражна постапка и побаран е притвор, известија истражителите.
„Првоосомниченото лице, како управител и во име на второосомниченото правно лице, од крајот на 2015 година до крајот на месец август 2016 година, довело и одржувало во заблуда осум лица од Прилеп, четири лица од Скопје, две лица од Струга, по едно лице од Тетово, Битола и Охрид и четири лица од Австралија, како и едно правно лице од Скопје” – стои во кривичната пријава. Јасмина Јорданоска-Чебренска на спомнатите 21 лице им продавала промотивни авионски билети – по цени пониски од реалните, иако не била овластена да го прави тоа. Парите ги добила (на своја сметка или на сметка на нејзината мајка) ама авио-билетите не ги обезбедила. Измамените се оштетени за над АУ$ 74 илјади, велат истражителите на ОЈО-Прилеп.
Во оваа афера со измама беше спомнувано и името на познатата фолк-пејачка Елена Јовческа. По сите досегашни премрежја, таа вели дека се уште е шокирана од целиот настан и се уште не може да сфати како блиска роднина можела да и наштети до таа мера, водена од алчност и желба за брза и нечесна заработка. Таа веќе поднела тужба против осомничената прилепчанка, која и е прва братучетка.
,,Приказната е многу долга и МВР веќе работи на целиот случај. Бев вмешана во нечесни игри, но исто така сум и многу оштетена од мојата блиска роднина. Затоа само ќе кажам, Господ да не чува од роднините и од лажните пријатели, тие во кои што многу веруваме, најдобро знаат да ни забодат нож во грб. Јас бев вработена во нејзината агенција, луѓе доаѓаа постојано да си купат авио билети и да уплатат за туристички ангажмани. Сепак, таа одлучуваше за се, таа им ги кажуваше цените. За жал, никој не си ги доби билетите, луѓе поради неа останаа во Грција избркани од хотел, дури и јас не ги добив моите билети. Таа си поигра со многу луѓе, направи големи штети. Никој не знае што се преживеав, но ова ми е лекција да не верувам на никого, дури ни на оние кои што се прават дека ми се најблиски. Се надевам дека правдата ќе биде спроведена, а јас научив дека треба да бидам многу внимателна во иднина и да не се впуштам во никаков бизнис со никого, пред добро да проверам за што точно се работи” – вели во изјава за “Фокус” гајдаџиката која што важи за една од нашите најбарани музичарки во последниве години кај дијаспората.
“Јас сум голем патриот, амбасадор на нашата култура и традиција и со помош на музиката, на нашите изворни музички инструменти како гајдата и зурлата, станав ценета и барана кај нашинците во странство. Ова е обид да се стави дамка на моето дело, на мене како личност, но и на мојата кариера. Затоа, правдата ја барам на суд, верувајќи дека правниот систем ќе си ја заврши работата како што треба и дека на сите оштетени лица ќе им се помогне” – изјавува Јовческа која што нашинците во странство ја нарекуваат “Кралица на гајдата”.