Околу 500 демонстранти поделени во две групи, се судрија меѓу себе и со полицијата во насилните протести околу градењето на џамија во Бендиго.
Овој град се наоѓа на 150 километри северозападно од Мелбурн, а минатава сабота се најде во вестите поради интервенцијата на полицијата која стапи во акција откако протестот стана насилен, во моментот кога знамето на Австралија беше запалено од контра демонстранти против расизам, и многумина од демонстрантите против градење на џамија го пробија полицискиот кордон, притоа физички пресметувајќи се со нив. Полицијата која имаше и коњаници брзо реагираше со употреба на солзавец, притоа приведувајќи повеќемина од насилниците.
Жителите на Бендиго подолго време се бунат дека 85 проценти од населението во градот е против градбата на џамијата која ќе чини 3 милиони долари. После демонстрацијата беше видливо засилено присуство на полицијата во градот.

