Во Мелбурн од Република Македонија пристигна Лазар Котевски, градоначалник на Новаци и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Покрај неговата сопруга со него е и пратеникот во македонскиот парламент за Австралија Васко Наумовски, кој е во посета на својата изборна единица.
Задграничниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Мелбурн организираше средба за добредојде во општинската зграда на Витлси во Саут Моранг, каде беше присутен и градоначалникот Стево Козмевски. Од оваа меѓуопштинска средба снимивме неколку фотографии. Организатори на настанот во Мелбурн беа претседателот на Комитетот Џими Котевски и Сашо Наумовски, претседателот на УМС. Инаку, градоначалникот на Новаци му врачи признание на Симо Ацевски за неговата работа во партијата ВМРО ДПМНЕ.
Зачестените посети на Австралија од страна на видни личности од владеачката партија во Македонија јавноста ги коментира како загревање пред очекуваните вонредни парламентарни избори на почеток од 2016 година.
Дознаваме дека градоначалникот Котевски допатува на нашиов континент како претставник на Извршниот комитет на владејачката партија. Со пратеникот Наумовски тие ќе остварат посета на Перт на 4 и 5 декември, Аделаид на 6 декември, Бризбен на 8 декември и Сиднеј од 11 до 13 декември. Се најавува дека во Сиднеј задграничните комитети на ВМРО –ДПМНЕ од Австралија ќе одржат координативно собрание.
