Влошување на епидемиолошката ситуација во Нов Јужен Велс доведе до нови принудни промени, не само во оваа држава, туку и во Јужна Австралија. Со зголемување на бројот на заразени со коронавирусот во новото жариште на југозападот на Сиднеј, се покажа дека состојбата не е доволно стабилна за да се отворат целосно границите за жителите на Нов Јужен Велс.
Претходниот донесен предлог од кабинетот на премиерот Стивен Маршал дека Јужна Австралија на 20 јули ќе се отвори за патници од Нов Јужен Велс и Канбера, падна во вода минатиот вторник по анализа на состојбата со ширење на заразата во заедницата.
Над 28 од новите случаи се поврзани со жариште во сиднејското предградие Касулa и тамошниот паб „Crossroads Hotel” ова било доволен сигнал за властите во Аделаид да се откажат од првобитниот план.
„Проценивме дека заразата многу брзо се шири и тоа претставува опасност, за што сведочи и податокот дека стотици, ако не и илјадници луѓе се поврзани со лица кои престојувале во овој паб, а сега се наоѓаат во изолација. Поради тоа одлучивме да ја одложиме одлуката за отворање на границите” – изјави Стивен Маршал, премиер на Јужна Австралија.
Оваа одлука автоматски значи и дека сите граѓани на Јужна Австралија кои се враќаат од Нов Јужен Велс и Канбера, ќе мораат да одат во 14-дневен карантин, исто како и патниците од Квинсленд, Тасманија, Северната Територија и Западна Австралија. Co Викторија, која со недели е во тешка ситуација, границата е под строг режим на блокада и никој не може да влезе од територијата на оваа држава.
На овој начин, Јужна Австралија сака да го заштити своето до сега добро управување со здравствената криза, затоа што оваа држава нема активни случаи на КОВИД – 19, а последното заразено лице е дијагностицирано на 28 јуни.
Во Викторија, во последните денови се регистрираат рекорди со преку 400 нови случаи на „Ковид-19″ што загрижува, изјави премиерот Даниел Ендрус.
„Ќе го зголемиме бројот на тестови”, рече Ендрус и додаде дека 1,2 милиони жители се тестирани од 1 јануари.
Од друга страна, Нов Јужен Велс почна да применува нови мерки кои се однесуваат на пабовите и лиценцираните клубови. Вратен е на сила прописот најмногу десет лица можат да бидат вклучени во една група резервација, наместо досегашните 20, исто така, на локалите со голем капацитет им е дозволено да примат намногу 300 гости во ист момент,со строго почитување на мерките на социјална дистанца.
„Повеќе не сакаме да видиме ситуација гостите да се шетаат низ угостителските објекти со пијалок во рацете или да се мешаат со другите групи, без дистанца од метар и половина. Исто така, сакаме да им посочиме на сите ресторани, пабови и клубови дека приборот за јадење не смее да стои на место достапно на сите, каде луѓето сами се послужуваат” – вели премиерката Гледис Береџиклијан.
Таа предупреди дека не смеат да се случуваат ситуации како во еден паб во сиднејскиот Дабл Беј, каде неколку стотици луѓе стоеле во ред за влез, без почитување на мерките за физичка дистанца. Овој паб е казнет со $5.500, а полицијата морала да интервенира да се примени правилото на социјална дистанца. Казнет е и Стар казиното, каде полицијата затекнала луѓе како се шетаат со пијалоците в раце и не ја почитувале дистанцата едни од други.
Премиерката има и јасна порака за сите кои се загрижени дека не е можно целосно да се елиминира вирусот се додека трае пандемијата.
„Не постои шанса Нов Јужен Велс да има нула случаи, се додека трае глобалната пандемија. Поради ублажувањето на рестрикциите секогаш ќе имаме случаи на зараза внатре во заедницата. Токму од таа причина сме на високо ниво на претпазливост и бараме можни скриени алки на ширење на заразата кои можат да постојат” – вели таа.