Грчките погранични служби на граничниот премин Евзони (кај Гевгелија) на 14 мај попладнето ги кренаа рампите за влез на странски државјани. Цели 14 месеци овој граничен премин (исто како и оние кај Дојран и Битола) беше затворен освен за лица со грчко живеалиште и за товарен сообраќај.
Протоколот од грчката влада како да се пропуштаат граѓани од други држави на нивна територија се поклопува со стартот на туристичката сезона.
Истовремено Грција за жители на земјите надвор од ЕУ отвори уште два гранични премина – едниот е кон Бугарија (за Србите) и вториот со Албанија. Граничните премини со Македонија кај Дојран и Битола остануваат затворени за туристи.
За влез во Грција постои посебен протокол. Прво и основно туристите треба да се пријават на travel.gov.gr . На овој сајт секој патник се регистрира до ден пред да влезе во земјата и да ја напушти земјата, и да даде детални информации за појдовната точка, времетраењето на претходниот престој во други земји и адресата на престојот додека е во Грција. Во случај на повеќедневен престој, треба да се наведе адресата најмалку во првите 24 часа. Треба да се достави по едно барање по семејство. Патниците ќе добијат е-порака за потврда по поднесувањето на барањето. Во пораката ќе го добијат нивниот единствен код за брз одговор (QR) на денот на закажаното пристигнување во Грција и ќе бидат известени преку е-пошта.
Патниците треба да приложат или потврда дека се целосно вакцинирани со две дози против ковид-19 (најмалку 14 дена пред доаѓањето) или дека поседуваат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или пак да имаат прележале и имаат позитивни вредности на антитела.
Грција ги признава сите вакцини против ковид-19 (не само оние одобрени од Европската агенција за лекови – ЕМА): „Фајзер/БиоНТек”, „Модерна”, „АстраЗенека”, „Новавакс”, „Џонсон и Џонсон”, „Синовак”, „Кансино бајолоџикс”, „Синофарм” или „Гамалеја” (СпутникV).
За во Црна Гора не треба тест
Од оваа недела и Црна Гора се отвора за туристи.
– Црна Гора ги отвори сите граници за туристите со најважниот збор – “Добредојдовте на црногорското приморје”. Продавници, ресторани и хотели почнаа со работа, што укажува на важноста на силната врска што треба да ја следиме, бидејќи нашите протоколи се слични, изјави министерот за надворешни Кривокапиќ.
За патување во Црна Гора на македонските граѓани не им е потребен ПЦР тест.