Грција може Монастири, а Македонија не може Воден, Лерин, Кукуш…

Кога минатата година европските изведувачи ја завршиле реконструкцијата на патниот правец Лерин – Меџитлија, почитувајќи ги меѓународните стандарди, поставиле сообраќаен знак на кој името на градот Битола се означува и со грчка азбука и на латиница (Μπιτολα и Bitola).

Ова за многумина Македонци во Егејска Македонија беше позитивно изненадување и надеж дека може нешто да се смени и во Грција во однос на политиката со топонимите.
Но, набрзо потоа знакот беше сменет. Сега пишува Монастири и Битола (Μονα­στήρι и Bitola). Значи го пишува грчкиот топоним за Битола и латиничната (англиска) транскрипција на Битола. Така е и на другите патишта низ Грција.
Подоцна се дозна дека оваа реакција потекнала од припадниците на Здружението на пензионираните полковници, кои побарале да не се почитуваат меѓународните стандарди, што за грчките власти воопшто не претставуваше проблем, па сообраќајниот знак експресно беше сменет.
А и што може друго да се очекува ако се знае дека по грчките учебници пишува: „…за жал не се ослободи грчкиот град Монастири. Српската војска во 1913 година го окупира нашиот град”.
Ваквите постапки на грчките власти можат да бидат добар одговор на нивните обвинувања за наводниот македонски иредентизам. А вистинскиот македонски иредентизам би бил кога во јужна Република Македонија сообраќајните знаци се променат и се стават македонските топоними за градовите и селата во северна Грција. На македонски македонските топоними, а на латиница грчките топоними. Па така Килкис ќе биде Кукуш, Флорина – Лерин, Едеса – Воден, Касторја – Костур…
Еве една од можните теми за тоа т.н. актуелно градење мерки за доверба меѓу Македонија и Грција со кое министрите Попоски и Коѕиас се фалат по меѓународните конференции. Европа и во овој случај го толерира грчкиот иредентизам, а има елегантно европско решение за двојна употреба на топонимите како сите цивилизирани држави. И Монастири и Битола, ама и Флорина и Лерин, и Едеса и Воден и Тесалоники и Солун…
Eве што на сето ова вели Павле Воскопулос Филипов од македонската партија “Виножито” во изјавата за МКД.мк.
„Замислете како ќе реагира грчкото Министерство за надворешни работи ако МНР на Република Македонија предложи заедничка акција за почитување на топонимите. На пример, МНР на Република Македонија да испрати честитка за иницијативата на грчкото МНР за тоа дека на примерот со Битола се докажува дека треба да се почитуваат старите топоними и имиња на градовите. Грција ни даде убав повод, би пишувало во честитката, да делуваме соодветно и да ги користиме топонимите на градовите што е културно богатство. Се надеваме дека грчкото МНР ќе сака да соработуваме и да спроведуваме двојно именување на градовите од пограничните региони помеѓу Грција и Република Македонија, би гласела честитката. Што ќе одговори Коѕиас на ова?”, вели Васко­пулос.

Останати вести