Грција: Короната “тури пепел“ врз туристичката сезона

Плажите во малото место Псакудија, на полуостровот Халкидики (помеѓу првиот и вториот крак), само за викенд се полни, но не со туристи од странство туку со Грци. Главните празници на Грците се во периодот околу 15 август. Улиците во големите градови се празни, затоа што тогаш речиси сите се на колективен одмор на море.

– Но тоа не важи оваа 2020 година, вели Мелиса, сопственик на бар на плажа. Таа стои на шанкот додека сопругот се занимава со малиот внук. – Немавме ниту еден случај на корона во селово, па сепак никој не дојде, се жали таа.
Годинава има само 20 проценти искористеност на капацитетите, а работата е падната за околу 80% во споредба со претходните години. И покрај тоа, таа се труди да остане оптимист.
– Овде сите си помагаме едни на други. Се надеваме дека така ќе ја преживееме зимата. Барем годинава. Како ќе биде догодина, никој не знае.
Всушност, плановите за летото беа сосем поинакви. Со брза реакција на грчката влада ширењето на вирусот во март и април беше сведено на минимум. За Грците тоа беше повод да бидат горди. Со многу трпение ги издржаа сите мерки, носеа маски, одржуваа дистанца во супермаркет, седеа дома. Министерот за развој Адонис Георгијадис во светло на ова зборуваше за „ребрендирање” на земјата. Грција од црна овца во Европа стана светол пример.
Странскиот печат ја прогласи земјата за една од омилените туристички дестинации во корона-летото. Но, кога на 1 јули повторно беше пуштен авиосообраќајот, вообичаено полните аеродроми сега беа речиси празни. Надежите за прилив на туристи пропаднаа.
Стравот беше голем и дека туристите ќе го донесат вирусот во Грција и ќе пропаднат сите мерки и позитивни резултати во справувањето со ширењето на ковид-19. Ситуацијата на границата со соседните земји Бугарија и Албанија беше драматична.
Но во моментов, исто како и во другите земји, и во Грција повторно се зголемува бројот на новозаразени. Се чини ова нема никаква врска со туристите кои доаѓаат во земјата. Едно соопштение од Универзитетот “Аристотел” во Солун сугерира дека зголемувањето било препознатливо уште пред отворање на границите. Според соопштението за медиуми од 13 јули, интердисциплинарен научен тим редовно ја мери концентрацијата на коронавирусот во одводните води на влезот на пречистителната станица во Солун. Во април вирусот не можел да се најде во водите, додека пак пробите од почетокот на јуни покажале сосем различна слика. Тоа води до претпоставката дека бројот на асимптоматски или умерено симптоматски случаи кај градското население на кои не им е потребен болнички третман, веројатно е значително зголемен.
Баровите и рестораните во Солун и повеќето туристички региони мора да затвораат на полноќ. Владата ги моли особено младите сериозно да го сфатат вирусот и во летното расположение да не ги забораваат здравствените ризици.
Зимата ќе биде тешка
Кај многу Грци економските грижи се поголеми од стравот од короната. Тоа го знае и Григорис Тасиос, претседател на грчкото Здружение на хотелиери.
И во неговиот хотел во Псакудија годинава е празно. Многу ги намалил цените, а сепак нема туристи.
– Само малку ни се пополнети капацитетите, во јули 30-35%. Во август е нешто подобро, имаме домашни туристи.
Короната има нанесено голема штета на туризмот во Грција.
– Сметаме со загуби од 15 милијарди евра во споредба со 2019 кога имавме примања од 18 милијарди, вели Тасиос.
И работодавците и вработените во браншата стравуваат за својата егзистенција. Разговараат со владата за да види како може да им помогне.
Туризмот во 2019 имал удел од околу 20% во грчкиот БДП. Дополнително, ситуацијата ја отежнуваат намалените даночни приходи заради короната, како и насекаде во Европа.
Многу Грци со право се загрижени за својата егзистенција. Пакетот за помош за корона од ЕУ е тежок 750 милијарди евра. За Атина се предвидени 32 милијарди евра. Дали парите ќе бидат доволни за да се покријат големи загуби не само од туризмот, допрва ќе се покаже. Сигурно е дека ако следната година не настане подобрување, тоа ќе има последици што ќе ги фрлат во сенка оние од финансиската криза во 2010 година.

Останати вести