Грчките власти решиле за три дена да ја расчистат пругата и мигрантите да ги вратат назад

Економските мигранти на кои не им се дозволува влез, поставиле и блокади за да не можат ниту бегалците кои доаѓаат од воените жаришта да ја преминат границата и извикувале „Ако не можеме ние, нема ни тие!”. 

Грчката полиција на економските мигранти веќе неколку дена им дели летоци на повеќе јазици со предупредување дека на самата железничката пруга и околу неа, каде што е импровизираниот камп на мигрантите кај Идомени, не смее да има ништо. Поради големата група економски мигранти кои протестираа на самата пруга, со недели е блокиран железничкиот транспорт од Солун кон Скопје.
Во меѓувреме трае и акцијата за враќање на мигрантите од Иран, Пакистан, Мароко, Алжир, Непал, Бангладеш… кон Атина, а од таму во земјите од каде што потекнуваат.
Грчките власти, кои до пред една седмица до Идомени и макеоднската граница ги пренесуваа сите мигранти, сега самите вршат селекција (според договорот во ЕУ).
И натаму доаѓаат бројни автобуси со бегалци од воените жаришта во Сирија, Ирак и Авганистан, но повеќе не се носат бегалците од другите земји бидејчи тие имаат третман на економски мигранти на кои ЕУ не сака да им даде азил.
Дел од економските мигранти кај Идомени веќе прифатиле да бидат вратени назад. Но дел велат дека по секоја цена ќе го продолжат патот кон ветените држави, земји членки на ЕУ. Нвините аспирации ги поттикнуваат грчки невладини организации кои ги убедуваат дека Македонија нема право да ги спречува да поминат низ нејзина територија.
Тензиите меѓу мигрантите и бегалците од воените жаришта во Сирија, Авганистан и Ирак и натаму се присутни.
Инаку, Грција сега се соочува со нов проблем при репатријацијата на мигрантите во нивните татковини. Во авионот кој бил испратен за Исламабад имало 49 Пакистанци. Но, властите оттаму прифатиле само 19 лица за кои утврдиле дека се Пакистанци, додека 30 лица биле вратени назад во Атина бидејќи “немало докази дека се од Пакистан”.

За 300 евра во Идомени се печатат лажни документи за мигранти

Македонските полицајци во почетокот ги пропуштале оние со лажни документи, но подоцна научиле да ги разликуваат фалсификатите (поради хартијата)

Мигрантите кои не се од Сирија, Ирак или Авганистан, за да преминат во Македонија почнале да користат фалсификувани документи кои ги купуваат во Идомени (Сеово по наше).
Не е никаква тајна дека неколку лица од селото Идомени за цена од 300 евра им прават фалсификувани потврди какви што на влезот во Грција, најчесто на островите, им издаваат грчките служби.
Се работи за документ на кој за неколку минути се уфрла сликата на мигрантот и потоа се печати на колор-принтер, така што печатите изгледаат оригинални. Документот во целост е напишан на грчки јазик и на него стои името и презимето на носителот на барањето, годината на раѓање, земја на потекло, датум и место кога влегол во Грција…
Најчести „муштерии” на ваквите потврди се мигранти од Иран и од Палестина, кои по изглед најмногу наликуваат на оние од Сирија и од Ирак и тешко можат да бидат откриени.
Македонските полицајци на почеток тешко ги разликувале оригиналните од фалсификат документите, но сега можат да направат разлика поради квалитетот на хартијата на која се отпечатени податоците (фалсификатите се на подебела хартија).
Но она што е најинтересно е што, откако ќе бидат откриени, мигрантите со лажни документи македонската полиција ги враќа назад на грчка територија а тие самите инсистираат да ги задржат фалсификуваните документи бидејќи изработувачите и им ветувале дека ќе им ги вратат парите доколку не успеат да ја поминат границата!?

Останати вести