Груевски ќе поднесе оставка: Мора ли сам да ја врачи или може да ја прати од Унгарија?

Оставката на Никола Груевски од пратеничката позиција се уште не стасала до Собранието. Власта вели дека го чека лично да ја достави, а опозицијата пак вели доволно е Груевски на писмено да прати дека се повлекува.

Откако почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во саботата преку Фејсбук најави дека ќе поднесе оставка како пратеник во македонското Собрание, власта и опозицијата различно го толкуваат членот 57 од Деловникот на Собранието.
Во него стои:
“(1) Пратеникот може да поднесе оставка.
(2) Пратеникот оставката ја поднесува лично на седница на Собранието и може да ја образложи.
(3) Собранието без претрес констатира дека на пратеникот му престанал мандатот на денот на одржувањето на седницата.”
За ВМРО-ДПМНЕ нема проблем Груевски да си поднесе оставка и преку пошта, велат тоа е негов личен став, а и дека е под политички прогон во татковината.
Од власта, пак, го повикаа Груевски да се врати во Македонија и лично да си ја поднесе оставката. Според СДСМ собраниска седница за пратеничкиот мандат на Груевски, по одлуката на Комисијата за мандатно имунитетни прашања, мора да се одржи.
Груевски за својата одлука треба да го извести Собранието. Но како ќе постапи Собранието од кабинетот на Џафери се уште не сакаат да коментираат се додека не видат на кој начин ќе биде поднесена оставката. Само го цитираат членот 57 од собранискиот деловник каде стои дека оставката се поднесува лично, и може да се обарзложи доколку тоа го сака тој што се повлекува.
Има преседани во оставките
Најмногу прашина во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ предизвика оставката на Горан Трајковски, кога тогаш опозициската СДСМ инсиситираше тој лично да биде присутен, но тоа не се случи. Без присуство ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ како мнозинство ја констатираше и оставката на Љубисав Иванов Ѕинго и на Никола Тодоров.
Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања веќе го одобри и испрати до Собранието предлогот за одземање на мандатот на Груевски, кој повеќе од 6 месеци неоправдано е отсутен од работата во Собранието.
На седницата на комисијата пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беа воздржани, иако ден претходно ИК на партијата со соопштение ги повика своите пратеници да гласаат во согласност со Уставот и законите. Груевски мистериозно ја напушти државата и доби азил во Унгарија во ноември ланската година, неколку дена пред да истече рокот во кој требаше да се јави пред затворската капија за да отслужи 2 години за случајот „Тенк”.

Останати вести