Српскиот претседател Александар Вучиќ дури во понеделникот, на 19 ноември, во телевизиско интервју потврди дека Груевски поминал преку Србија на патот до Унгарија. Границата кај Хоргош ја преминал рано наутро на 12 ноември во придружба на двајца Унгарци и со привремен документ.
– На 12 ноември (понеделник) во 5:11 часот именуваното лице ја напушти Србија преку преминот Хоргош со пасаван број 100.501 издаден во Тирана, со лична карта и во придружба на две лица со унгарски дипломатски документи и со дипломатско возило, изјави Вучиќ во интервју на ТВ “Хепи”.
Ова е првпат српско официјално лице да објави и да потврди дека Груевски при бегањето ја преминал Србија и на кој начин. Пасаван е привремен документ кој го издава амбасада доколку лицето на чие име гласи пријави дека ја изгубило патната исправа. Со пасаван издаден во Тирана, Груевски успеал да стигне до Унгарија и да побара азил во Канцеларијата за емиграција во Будимпешта.
Вучиќ тврди дека за бегалската епопеја низ Балканот на Груевски не е виновна ниту Србија, ниту Црна Гора ниту Албанија, туку македонските власти кои му дозволиле да избега без да распишат меѓународна потерница по него.
– Па добро, дали тие таму судски го гонеа или не? Дури на 13.11. во 19.35 часот од Интерпол Скопје ни беше доставена потерница. Значи, два дена откако тој помина низ Србија. Доколку го сопревме тоа ќе беше киднапирање на Груевски од наша страна. Кого вие зафркавате. Барате Србија да апси луѓе без потерница. Да не мислите дека ние сме диво племе, дали тоа го очекувате наместо да се прашате кого пуштивте и зошто толку чекавте, рече Вучиќ во интервјуто.
Српскиот претседател смета дека патот на Груевски бил легален и со важечки документи. Меѓутоа Вучиќ кажа уште еден интересен момент а тоа е дека Груевски и македонско-албанската граница ја минал заедно со Унгарци.
– На 10 ноември, во текот на ноќта, некаде меѓу 1 и 2, немаме официјални податоци, лицето Никола Груевски влегува на територијата на Албанија, легитимирајќи се и е во придружба на две лица од унгарска националност. Потоа влегува во Црна Гора, на преминот Божај, повторно со регуларни документи и со пасаван издаден во унгарската амбасада во Албанија. Потоа влегува во Србија преку ГП Гостун, во придружба на лицата Золтан Јожеф и Хази Фелеѓи, ја пренесува Танјуг изјавата на Вучиќ.
Ова е првпат некој друг да го потврди она што премиерот Зоран Заев го кажа: дека унгарски службеници, со кола на нивната амбасада (не знаеме дали од Скопје или од Тирана) го придружувале Груевски при излегувањето од Македонија и влегувањето во Албанија.
Унгарските власти засега официјално негираат дека му помогнале на Груевски да избега од Македонија!? За сите останати тврдења дека го носеле Груевски со дипломатски возила, унгарската влада досега не се изјасни.