Кривичниот суд соопшти дека е оформен предмет за едно од двете обвиненијата кои што ги поднесе Специјалното обвинителство, поточно за настаните во општина Центар.
Судечкиот судија Татјана Михајлова, кај кого е распореден обвинителниот предлог, главната расправа ја закажа за 21 ноември во 10:00 часот, за кога се испратени покани до странките во постапката заедно со примерок од обвинителниот предлог.
СЈО пред две недели поднесе обвинение кое се однесува на нарачаното насилство врз градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски за време на седница на општинскиот Совет, кога се случи протест пред Општината.
Обвинението следува по телефонски разговор содржан во прислушуваните материјали, а кој опозицијата го објави јавно. Првообвинетиот е дел од извршната власт.
– Разговорот е воден откако веќе била закажана седница на Советот на општина Центар. Произлезе сомнение за потикнување насилство. Ова јавно обвинителство презеде низа активности дали содржината на снимката има своја завршница.Поради наведените причини беа прибавени голем број видео записи, материјални докази, а беа испитани и 20 сведоци. Дел од сведоците побараа заштита, рече специјалната обвинителка Фатиме Фетаи.
Обвинитението е поднесено против 14 лица за кривичното дело насилство од кои 5 лица се обвинети како поттикнувачи и за 9 лица како директни извршители на насилството.
– Од доказниот материјал произлезе дека во месец јуни 2013 првообвинетиот (Никола Груевски -н.з.) побарал, а второобвинетиот (Миле Јанакиески – н.з.) прифатил да извршат грубо насилство спрема градоначалникот на општина Центар. Анализите кои ги направи СЈО упатуваат на тоа дека мотивите на првообвинетиот за ова се чисто лукративни, за остварување на бизнис интересите на партискиот врв, рече Фетаи.