Никола Груевски не се знаеше каде е уште од минатиот четврток.
Телохранителите кои службено му се доделени од МВР (според законот на онолку години колку што бил премиер), тврдат дека последен пат го виделе токму во четвртокот вечерта, кога го оставиле дома. Тие не се постојано крај него туку го обезбедуваат кога ќе ги повика по телефон. Во петокот не ги повикал воопшто, што се случувало и порано, бидејќи не излегувал задолжително секој ден. Исто така и адвокатите тврдат дека немале контакт со него, кој од средата кој од четвртокот.
Во петокот Никола Груевски пропуштил да се јави во Судот, како што е обврзан со мерките за обезбедување (покрај ова одземен му е и македонскиот пасош). Тоа е денот кога судскиот доставувач два пати неуспешно се обидувал да му го врачи на рака решението од Кривичниот совет, со кое практично се упатува веднаш да се јави во затворот во Шутка. Боркица Груевска рекла дека Никола не е дома.
Иако уште во петокот поранешниот премиер ја прекршил мерката за јавување во Судот, оттаму никој не ја информирал полицијата која, според законот, требало веднаш потоа да го обезбеди. Се мислело дека (како што е вообичаено) осудениот сака да го искористи викендот на слобода и дека во понеделникот ќе се појави на капијата од истражниот затвор.
Се зборуваше дека ќе се почека понеделник кога ќе му се врачи судската упатница за во затвор на судењето за “Титаник” (во понеделникот). Но, се случи одложување на рочиштето. До крајот на работниот ден Судот конечно го известил МВР дека Никола Груевски е недостапен. МВР дури тогаш објавува државна потерница. Претходно нема законска основа, ниту да го следи, ниту да внимава на него, а оваа власт наводно сака да покаже дека е различна од претходната која правеше спектакли со апсења. Помеѓу 18 и 21 часот во два наврата се испраќаат полициски екипи во цивил на адресата на живеење на Груевски.
Полициски службеници потоа во текот на целата ноќ го опколуваат седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и ги претресуваа сите возила кои доаѓаа или излегуваа од подземните гаражи.
Имаше шпекулации дека Груевски наводно се засолнил во Унгарската амбасада во Скопје, или дека е пребеган во некоја од соседните држави (Албанија, Србија или Бугарија).
Поранешниот полициски генерал Стојанче Ангелов коментираше: “Груевски нема каде да се скрие. Неговото семејство сега треба да се остави на мир. Ако раката на ВМРО била долга, тогаш раката на Правдата е уште подолга. Каде и да се крие, ќе живее во постојан страв – а тоа е казна можеби полоша од затворот. Затворот е за луѓе и таму се влегува ама и се излегува. Не е важно дали ќе го најдат за неколку дена или за неколку недели. Важно е правдата да биде задоволена.”