Груевски се пожали: Имаше бројни нерегуларности и кршење на изборниот законик, полицијата беше ставена во партиска служба

Груевски говореше со крајна разочараност. Сепак бројот 13 му беше баксузен

“Како претседател на партијата секако имам највисока одговорност за изборните резултати а каков ќе биде идниот правец ќе се дискутира во анализата веднаш по завршување на изборите”, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на можноста да поднесе оставка.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беше единствениот што ноќта по изборите се обрати од партиското седиште до јавноста. Од затворањто на гласачките места па скоро до полноќ во белата “Палата д-р Христо Татарчев” владееше траорен молк. Немаше речиси никого од познатите функционери и гласноговорници на ВМРО-ДПМНЕ. Дури и Влатко Ќорчев превреме си замина оставајќи ги во речиси празната зграда само новинарските екипи и сниматели.
Храброст да се појави пред јавноста имаше само лидерот Никола Груевски. Впрочем, тој ја носи и најголемата одговорност за резултатот. Неговото обраќање беше мачно, а потоа не дозволи да биде прашуван од репортерите.
– Во предизборието имаше физички пресметки, убиства, закани, притисоци. Од официјални државни органи имаше закани врз нашите кандидати за градоначаланици. Се креираше атмосфера на страв и заплашувања со кое се трудеа да влијаат на луѓето и нивната демотивираност, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Тој потенцираше дека од многу страни добиле информации за директен поткуп на гласачи.
– Секако, продолжи и црната кампања, а скоро и да немаше ден да нема неоснована кривична пријава за некој наш кандидат за градоначалник или актуелен градоначалник.Овој изборен ден помина со бројни нерегуларности и кршење на изборниот законик. Имаше узурпирање на државните ресурси, се вршеше притисок, имавме информации од многу места за поткупување на гласачи во сиот изминат период, а граѓани организирано се превезуваа на гласачките места. Има сериозни индиции и за манипулација со гласачките ливчиња, па така на повеќе места се појавуваат гласачки ливчиња од други општини, што отвора сомнеж за организирана кражба на гласови, истакна Груевски.
Тој посочи дека дури и медиумите објавувале за однапред заокружени гласачки ливчиња, кои беа дел од изборниот процес. Кажа и дека полицијата била најголем заштитник и поддржувач на изборните нерегуларности, дека била ставена во партиска функција.
– За прв пат во историјата на Македонија полициски џипови кружеа со партиски симпатизери на СДСМ во истите автомобили. Сето ова имаше свое влијае на изборниот резултат и овие нешта придонесоа за водство или некаде за победа на СДСМ. За сите нерегуларности ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе преставки и жалби до соодветните органи. Изборите не се завршени, а ВМРО е голема партија со голем број на симпатизери, поддржувачи и партиски членови, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски истакна дека по завршување на изборите ќе следи анализа на истите.
– Ќе се анализираат сите аспекти на денешните резултати, со цел да се утврди покрај сите масовни нерегуларности, што друго од нашата страна беше недоволно добро или погрешно направено заради што не добивме подобар резултат на овие избори. Јас како претседател на партијата секако имам највисока одговорност за изборните резултати што и претходно го кажав. За сето тоа, за причините, за резултатите и идниот правец ќе се дискутира во периодот веднаш по завршување на изборите, вели Груевски.

Останати вести