Груевски по најновото апсење на Jанакиески се закани: Ќе дојде друга сезона на лов, а овие сегашните нема да се ловџиите!

Никола Груевски се огласи на социјалната мрежа Фејсбук по најновото апсење на екс-министерот Миле Јанакиески и други функционери од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој долгиот пост го почна со мисла на Достоевски, велејќи: „Со што и да ја покриваш нечистотијата, таа сепак останува нечистотија”.

Статусот на Груевски меѓу другото пишува:
“Вчерашното апсење како и сите претходни кон лица од опозицијата се политички нарачани и фабрикувани од СДСМ. Во исти манир како нивните комунистички предци по 1945-тата.
… Во бизнисот како и животот не секогаш е предвидлив па некои инвеститори ќе купеа земја на лицитација од државата со добар план за навремена градба, но по некое време работите во бизнисот ќе им се искомплицираа и неможеа да ги исполнат роковите.
Сега упсените десетина лица се уапсени дека направиле некаква, а всушност непостоечка штета на државата бидејќи навреме во законскиот рок не им ги одземале некои 4 локации на тие што купиле и не изградиле.
Не ги знам деталите дали е така или не, и ако е така – зошто е така, но дури и да замислиме дека се е така како што вели власта, се прашувам каде е штетата и зошто апсење и медиумски спектакли за ваква работа.

Ако го апсат Јанакиески, мора да го апсат и Сугарески
Ако по закон треба некому да му се одземе земјата бидејќи навреме не почнал да гради, нека му се одземе. Ако владата одлучи потоа пак да ја продаде, нека ја продаде на нова лицитација. Ако пак одлучат да не ја продаваат, во ред.
Зошто ги апсат луѓето? Каква милионска штета направиле на државата што пропуштиле навреме (доколку е така) да им ја одземат на пример во 2015-та или 2016-та година таа неизградена земја на инвеститорите и да им ги вратат парите?
СДСМ е трета година на власт. Зошто не ги уапси и сегашниот министер за транспорт и новите службеници околу него што цели две години го правеле истото што претходно се случило: пропуштиле навреме да го одземат земјиштето и да ги вратат парите на тој кој го купил. Половина од 2017-та, цела 2018-та и половина од 2019-та новите власти не го одзеле земјиштето, а ги апсат оние што порано не го направиле истото. Зошто ако веќе за таква работа се апси, што е апсурд, со Јанакиески заедно не е и Сугарески? Ако доцнел Јанакиески, доцнел и Сугарески.
Која е штетата? Земјата е тука. Никој никаде не може да ја однесе. Ништо не е променето, изградено или слично. Инвеститорот не направил никаков бизнис и профит со земјата. Решението е едноставно: “одземи ја земјата и затвори го случајот”.
Максимум казна може да е некоја полесна дисциплинска мерка за пропуст на некој службеник или опомена.
Која е добивката за приватниот сопственик од ненавремено раскинатиот договор и одземена земја? Оти, нели, ако државата загубила пари, некој добил. Никава. Дал пари на државата, не изградил ништо. Потоа, порано или подоцна, му се одзема земјата и му се враќаат парите.
Каде е тука криминалот? Кој и од што присвоил пари? Кој што украл?
Зошто е ова изживување со луѓето?

Локацијата за “Шпански скали” е најскапо продадена во државата!
Дека е во прашање политичка хајка говори уште една работа. Зошто е потребно лажење на медиумите од владината и партиска прес служба на СДСМ дека локацијата за објектот до плоштадот Македонија, популарно наречена “Шпански скали” била продадена за ниска цена, кога е сосема спротивното.
На јавната електронска лицитација за таа локација постигната е една од највисоките цени во историјата на Македонија. Три компании со сопственици од три различни држави (Албанија, Бугарија и Македонија) остро и амбициозно се наддавале, се бореле да дојдат до таа престижна локација за која во самиот тендер веќе имаше одредено како треба да изгледа објектот однадвор, бидејќи се работи за објект непосредно до централниот плоштад во главниот град.
Делумно од сеќавање што тогаш ми беше пренесено, делумно од проверка во текот на вчерашниот ден, знам дека на лицитацијата победува фирма на бизнисмен од Албанија за кој дознав дека над 30 години живеел, работел и водел бизнис во Париз, каде заминал како уметник, но набрзо влегол во бизнис и каде имал и своја фабрика за градежни и ентериерни елементи.
Истиот бизнисмен на патот кон аеродромот на Тирана, претходно изградил огромен и многу репрезентативен објект – хотел, од каде подоцна на враќање од посета во Тирана поминавајки покрај хотелот кој беше при крај со градба, од возилото од патот забележав дека повеќе наликува на дворец кој би бил составен дел на дворецот Версај кај Париз, одколку хотел изграден надвор од градот Тирана.
Од она што подоцна ми беше кажано, бизнисменот кој со својата фирма ја купи таа локација подоцна “заглавил” при барање на кредит од банка за градба на хотелот.
А еве и зошто. Сопственикот како што ми беше објаснето планирал, како и повеќето други во слична ситуација, земјиштето кое го купил да го заложи во банка за да добие кредит од банка со кој ќе го гради објектот во комбинација со сопствени средства, а подоцна од приходите на бизнисот на хотелот да го враќа кредитот. Колку што се сеќавам неговата фирма плати на државата околу 1.600.000 евра, за околу 600 квадратни метри локација. Тоа приближно е околу 2.660 евра за еден метар квадратен земја, наспроти на пример 25 евра за Рамстор неколку години претходно во времето на СДСМ.
Но неговиот (или на неговите вработени луѓе) превид бил што незнаеле дека кога државата продава земја со однапред одреден дизајн на објектот кој е составен дел на објавата на тендерот, согласно законот земјата веднаш се заложува кај државата се додека не го изгради објектот, како гаранција дека навистина таков објект ќе изгради, а не некој поинаков, кој на пример би бил и поевтин. Ако се изгради на пример друг многу поевтин, тоа би било еден вид измама кон другите фирми наддавачи на лицитацијата кои можеби би понудиле повеќе пари на наддавањето ако знаеле дека потоа може да изградат друг објект кој би ги чинел поевтино. На тој начин и заради таа причина инвеститорот не успеал да обезбеди кредит веднаш, но по победата на СДСМ во општина Центар веќе обезбедил средства, но тогаш наишол на административни пречки од новите власти во општината бидејќи не им се допаѓало што објектот имал историски стил – барок и ги потсетувал на ВМРО.
Дали потоа инвеститорот тужел или не, до каде е сета процедура, не ми е познато, но како и да е, нема никаква логика апсењето и лажењето дека земјата се продала за евтина цена, освен намерата за градење медиумска атмосфера за политичка хајка врз недолжни и невини луѓе.
Уште пак и селективно, овие што во последните две години “дремеле” демек ништо не згрешиле. Или само затоа што се сега на власт?

Вака е со повеќето случаи кои се водат против луѓе од ВМРО.
Затоа велам: фабрикувани случаи. Местенки. Изживувања. Монструозност. Глумење борба против криминал и корупција со уништување судбини на невини луѓе кои работеле и создавале за Македонија. Само за да се покријат неуспесите, криминалот, рекетот, неработењето и секојдневните промашувања.
Миле Јанакиески трет пат го ставаат во притвор и секогаш со политичка нарачка од врвот на СДСМ. Затоа имаме проблеми за почеток на преговорите со ЕУ. Затоа што се глумат реформи, се глуми борба против криминал и корупција со малтретирање на оние кои градеа и работеа со полн елан за Македонија, додека пред очи новата власт рекетира и пљачкосува. Мислите тоа не го знаат од надвор?
Да ја подржуваат ова влада бидејќи ги прифати сите уцени на двата соседа по националните прашања, но истовремено се гнасат од тоа што секојдневно го гледаат и слушаат на теренот и што е спротивно од се она што јавно се декларира.
Така е и со Митко Чавков кого Заев, од лична омраза, го осуди и затвори без никаква вина, како и другите полицајци од неговиот тим.
Така е и со останатите од 27-ми април, кои можеби удриле некого, но за тоа има далеку поблаги казни во Законот, доколку властите одеа со реална квалификација на делото.
Но, СДСМ неправедно, незаконски, лажно и мизерно се изживуваат во одмаздата кон сите и ги товарат со невистинита квалификација “терористи” за да го покријат својот фалсификат со незаконското назначување претседател на Собранието.
Сепак повеќето од тие луѓе кои лично не ги познавам, а ги запознав од медиумите следејќи го процесот против нив, настрана грешката со физичката пресметка кон пратениците што ја направија и што одамна јавно го осудив, иако е јасно дека СДСМ свесно ја предизвика нивната реакција, настрана што дел од нив јавно ме критикуваа, тие покажаа неверојатна цврстина, висок морал и силен интегритет бидејќи под многу уцени, закани, притисоци, изживувања кои сеуште траат, закани по нивното здравје и живот, уништување на нивните семејства, неприфатија валкани непристојни понуди за кои нашироко се зборува, со цел од нив да изнудат лажни изјави за други луѓе неправедно да се обвинат а за возврат тие да добијат олеснување. Таква тортура со истовремено такви понуди можат да издржат само вистински патриоти – идеалисти. Тоа е за почит.
Такви непристојни понуди добиваше и Миле Јанакиески, но и други неправедно обвинети уште додека бев во Македонија. Таква понуда добив и јас, за што говорев во едно неодамнешно интервју. Таков приода имаа и сеуште имаат и кон повеќе други луѓе под прогон. Еден ден се ова ќе се знае во детали, што од архивите, што од лични сведочења.
Така е и со сите од случаите на СЈО. Со селективно избрани и едитирани снимки кои по закон се нелегални докази бидејќи нелегално се прибавени и не им се утврди со вештачење целовитоста и автентичноста, местат, судат и осудуваат како државата, судот и обвинителството да е на татко им и забораваат дека кога ќе паднат, сите, и наредбодавателите и извршителите ќе одговараат за овие злодела.
Во меѓувреме ги бројат жртвите “на ангро” – “по случаи”, не по број на луѓе во еден случај, оти луѓето од противничкиот табор не ги третираат за луѓе, туку средство за добивање политички поени и глумење правда и правна држава додека тие да се изнакрадат.
Ова им бил 751-ви случај. Како да е ова сезона на лов, па колку дивеч е уловен. Забораваат дека ќе дојде и друга сезона на лов, каде народот гледајќи го тоа што го прават ќе им ја одземе моќта и нема да се тие ловџиите, а сепак ќе се тука… во природата.

Останати вести