Никола Груевски од Будимпешта силно се залагал Република Македонија да стане дел од Европската унија. Ова го истакна унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, одговарајќи во Скопје на новинарско прашање за пребеганиот поранешен премиер во унгарската престолнина.
Тој не криеше дека се среќавале со него, но не откри за што зборувале и какви информации добил од Груевски, а рече дека “се корисни за унгарската влада”.
– За некој што бил премиер во овој регион 10 години, претпоставувам дека има многу добро сознание и разбирање на регионот и јас не сум овластен да објавам никакви делови од нашите дискусии, меѓутоа можам да ви кажам дека вашиот поранешен премиер исто така многу се залага за вашето пристапување кон ЕУ, рече Сијарто.
На прашањето дали Груевски веќе станал унгарски шпион, унгарскиот дипломат најпрво се насмевна, а потоа додаде:
– Присуството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија го гледам како правно прашање и тоа нема никаква врска со надворешната политика на нашата земја. Денес стојам пред вас и ја докажувам нашата целосна поддршка за вашето членство во ЕУ, додаде Сијарто.
Одложувањето на пристапните преговори беше многу нефер
– Одложувањето на почетокот на пристапните преговори беше многу нефер за вашата земја, бидејќи сите знаеја за временската рамка и имаше доволно време сите да се подготват. Аргументиот за недостиг на време според мене е смешен, бидејќи вие сте земја кандидат 14 години и тоа е доволно време, изјави шефот на унгарската дипломатија.
Унгарија, посочи Сијарто, процесот на проширување на ЕУ го смета за еден од најважните и веруваме дека проширувањето на ЕУ кон регионот на Западен Балкан е во вистински интерес на Унијата, како економски така и безбедносен.
– Веруваме дека проширувањето на ЕУ е во вистински интерес на самата Унија и затоа сметаме дека одлуката за одложување на почетокот на преговорите е голема загуба за ЕУ и во спротивност на интересите на Унгарија. Ние сме соседна држава на овој регион и затоа сме сензитивни на значењето и потребата за евроинтеграција, изјави Сијарто.