Груевски стана мандатар, Беса и Алијансата јавно кажаа дека нема да соработуваат со него

 

Уставот на РМ му дава можност на Никола Груевски до 29 јануари да се обиде да собере парламентарно мнозинство од 61 пратеник. Се до изборот на новата Влада, премиер останува Емил Димитриев со неговиот владин кабинет што сосема им одговара на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ

Претседателот Ѓорге Иванов на истекот на последниот уставно определен ден – 9 јануари, му го врачи мандатот за состав на Владата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, чија партија освои најголем број мандати на предвремените парламентарни избори на 11 декември минатата година.
Груевски сега има рок од 20 дена (до 29 јануари) да му поднесе на Собранието програма и предлог состав на новата Влада, која се бира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието.
Интересно е тоа што од СДСМ немаше никаква реакција по повод доделувањето на мандатот за состав на Влада.
Инаку, најголемиот број жители во РМ не веруваат дека Груевски ќе успее да состави парламентарно мнозинство и по шести пат во изминатите над 10 години да стане премиер. Во ДУИ дури има најави дека доколку Али Ахмети прифати коалиција со Груевски, тогаш 4-5 пратеници (од вкупно 10) ќе ја напуштат партијата. Сепак, од Мала Речица официјално велат дека чекаат покана од Груевски за старт на преговорите за нова влада. Функционер на ДУИ за “24 Вести” вели дека Ахмети притоа ќе излезе со платформата на Албанците, а каков ќе биде исходот од тие разговори засега не можело да се прогнозира.
– Никола Груевски и официјално е мандатар, чекаме покана за преговори како партија што освои најмогу пратеници во албанскиот блок. Заедничката платформа на партиите на Албанците е нашиот услов. Во неа нема ништо непознато или неприфатливо за Македонците или за партиите од македонскиот блок. Ние ниту во 2008-та, ниту во 2011 кога седнавме да разговараме, не знаевме дали ќе се договориме, но ете формиравме влади – вели истиот функционер.
Затоа, пак, однапред е познато дека БЕСА (со 5 пратеника) нема да коалицира со Груевски, а тоа во понеделникот на 9 јануари го повтори нејзиниот потпретседател Зекирија Ибраими, кој кажа дека тие нема да одговараат на ниту една покана од Никола Груевски за каква било комбинација за формирањето на новата влада. На прашање дали ќе коалицираат ако се прифатат нивните барања, Ибраими е дециден дека не станува збор за какви било услови.
– Уште од старт не можеме да зборуваме за исполнување на какви било услови затоа што ние јасно истакнавме дека во идната влада не треба да не бидат опфатени лица кои што се предмет на истрага на СЈО, каде што по се изгледа Груевски е клучниот човек, изјави Ибраими.
Арбен Таравари, секретар на Движењето за реформи-ДПА, вели дека во коалицијата Алијанса за Албанците (освои 3 пратенички места) прво се изненадени од доделувањето на мандатот бидејќи во Уставот се наведува оти мандатот се доделува на тој што успеал да обезбеди 61 пратеник, односно мнозинство. Груевски нема мнозинство а го доби мандатот.
– Но како и да е, ние Албан­ците веќе го имаме унифицирано нашиот став преку заедничката платформа. Ние како Алијанса за Албанците апсолутно не сакаме да слушнеме за соработка со лицето Никола Груевски кој водеше една шовинистичка кампања во текот на предизборието, изјави Таривари.

Останати вести