Груевски во Њујорк: Разговори за НАТО, изборите и мигрантската криза

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски минатите денови беше во посета на САД, заедно со партиска делегација во чиј состав беа членот на Извршниот комитет, Никола Попоски и пратениците Владимир Ѓорчев и Александар Николоски.

Тие во Њу Јорк имаа средба со претседателот на Советот за надворешна политика на САД, Ричард Хас. Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека на средбата со Хас, Груевски ги афирмирал приоритетите на Република Македонија во однос на надворешната политика, при што особено била истакната заложбата за членството во НАТО како македонска стратешка определба.
Груевски го запознал соговорникот со деталите од мигрантската криза, како и мерките што ги презема државата во насока на превенирање на пошироки последици. Истовремено Груевски го запознал Хас и со политичката состојба во државата, како и со значењето на претстојните избори како единствен излез од наметнатата политичка криза.
– Разговаравме за Македонија, за односите помеѓу Македонија и Америка, за предизвиците кои ги имаше и има државата, и можните идеи и начини за напредокот на Македонија во иднина, како и натамошните чекори што треба да се прават за разрешување на различните видови предизвици. Разговаравме за мигрантската криза и со предизвиците со кои се соочи Македонија во времето на мигрантската криза. Начинот на кој што се справуваше и сите ризици кои што произлегуваа и се уште произлегуваат од можноста таа повторно да се разгори. Разговаравме и за повеќе значајни работи во делот на односите помеѓу Македонија и САД, за нашето сојузништво, партнерство и за сите оние работи кои што може да бидат предмет на заедничка соработка во иднина, изјави Груевски.
Советот за надворешна политика на САД е организација со седиште во Њујорк, со повеќе од деведесетгодишна традиција и едно од највлијателните тела кое ги одредува насоките по кои се одвива надворешната политика на САД. Советот обединува политичари, дипломати, банкари и финансиери, професори од угледни универзитети кои се вклучени во креирањето на политичките процеси на САД кои се дел од нивната надворешна политика.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во Њујорк остварил средба и со Џек Росен, претседателот на Американскиот еврејски конгрес која, како што стои во соопштението, претставува влијателна тинк-тенк групација која располага со значителни финансиски средства и политичко влијание. Претходно остварил средба и со Мајкл Михан, шеф на американското тело за набљудување на медиумите.
Во Њу Јорк Груевски се сретнал и со Дејмон Вилсон, извршен потпретседател на Атлантскиот совет која е единствена граѓанска организација на НАТО.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ имал средба и со конгресменот од Њу Џерси, Бил Пасквел.
– Се сретнавме со повеќе конгресмени, сенатори, други политички личности, со кој споделивме многу информации, дадовме детали за работи кои можеби доволно не ги знаеја, а со цел да помогнеме во остварувањето на стратешките цели на Република Македонија, зајакнувањето на односите со САД и секако нашата стратешка цел членство во НАТО, каде САД има клучно влијание, како и другите цели, вклучувајќи го членството во ЕУ и нашите планови за понатамошен напредок на Република Македонија, изјави Груевски.

Останати вести