Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го дал првото интервју за медиум од Косовово што беше протолкувано како негов обид за приближување до електоратот на албанската заедница во Македонија. Во тоа мега-интервју за косовскиот „Газета Експрес” тој ги појаснува своите политички ставови. Вели дека преговорите за новата влада веќе се почнати и оти ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да направи коалиција со ДУИ, но не може да каже дали тоа навистина ќе се случи.
“Ние сме практикувале постизборна коалиција со албанските партии кога ни било потребно да обезбедиме мнозинство во парламентот, но и кога сме немале потреба бидејќи самите сме имале мнозинство да изгласаме влада. И тоа го правиме затоа што сметаме дека Албанците во Македонија ги има во поголем број и треба да бидат застапени во Владата и да бидат претставувани од партијата за која гласале мнозинството од нив. Значи, нашиот став е да се обидеме да создаде коалиција со ДУИ, ако постојат услови за такво нешто. Овој пат, со оглед на тоа дека немам 51% во парламентот, коалицијата ќе биде важна за да се создаде мнозинство во парламентот”, вели Груевски.
Сепак, останува на ставот дека нема да прифати двојазичност и продолжување на мандатот на СЈО, барања за кои Али Ахмети рече дека нема да има компромиси.
Понатаму во интервјуто, Груевски се жали дека медиумите го прикажувале како непријател на Албанците, а Ахмети го толерирал тоа, иако, како што вели, двајцата заедно направиле многу за Македонија.
Не можеме да се делиме по етничка линија, инвестициите носат добрo за сите
“Имам премногу минат труд во оваа држава, премногу сработено за овој народ, за да некои моќни центри, со таква валкана игра можат да ме прикажат пред луѓето она што не сум. Поради тоа и бев сигурен во победата на овие избори, бидејќи верував во народот за кој се борев во овој период. Прво, овие освоени гласови во 2016 покажаа дека во 2014 сме имале кристално чиста победа без никакви нерегуларности. Второ, после се она што се случи, после сите напори, потрошени пари, платени протестанти, напори на странски влади, дивеење по улиците низ земјата, политичка криза со сериозен притисок врз економијата, после истурени милиони евра во медиуми кои ме оцрнуваа, до бескрај, без ни малку балансираност во нивните емитувања… Дали го очекував овој резултат. Да, очекував победа, верував во народот, за кој и се борев во овој период. Ако нешто ми беше најслилен мотив во таа борба, беше довербата и поддршката која ја чувствував од мнозинството народ. Жалам што кај дел од народот, кај малцинството народ, им успеа, барем засега таа пропаганда, а особено помеѓу Албанците во Македонија…” вели Груевски.
Во однос на прашањето зошто партијата ДУИ добила помалку гласови во однос на претходните избори, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ анализира дека тоа е резултат на пропагандата на одредени медиуми финансирани од Сорос, но и недоволната посветеност кон работата на дел од функционерите на оваа партија.
“Прво, како и ние и тие подолго се на власт, па колку и да работиш и да се трудиш и да имаш добри резултати, во едно демократско општество долгото владеење има последици кај некои од гласачите. Второ, одредена пропаганда од медиумите и НВО кои ги подржува Сорос, која се водеше кон нас, делумно се насочи и кон нив заради наше слабеење и нивно ставање во ситуација да ги прекршат своите принципи и спротивно на нивното мислење да и тие се свртат кон нас. Тоа се случува и сега. Трето, не велам дека и кај нас немаше такви слабости, но мислам дека кај нив имаше уште поголем простор за подобрување во кадровската политика, за што јас повеќе пати укажував на нашите средби. Мислам дека ДУИ и нејзините функционери беа премногу фокусирани на колективните националните прашања, а не доволно на индивидуалните проблеми на граѓаните.”
По прашањето поврзано за подобрувањето на животот на Албанците во Македонија, Груевски вели дека владата која што била предводена од ВМРО-ДПМНЕ имала ист пристап кон сите граѓани на Македонија.
“Во нашиот мандат се изградија огромен број проекти во северозападна Македонија, каде главно се концетрирани Албанците. Од темелни реконструкции и огромно опремување со најсовремени апарати на болници, како онаа во Тетово, во Гостивар, опрема во Струга, сега се гради ургентен центар во Куманово и нова болница во Кичево, преку градба на автопат Кичево Охрид, реконструкција на стариот пат Тетово Гостивар, многу важен за селата, 7 или 8 нови спортски сали во Тетово и не знам колку во другите градови, темелна реконструкција на албанскиот театар во Скопје, градба на театар и библиотека во Тетово, стотици нови или реконструирани локални патишта, темелни реконструкции на регионални патишта, многу нови водоводи и канализациски мрежи, пречистителни станици, огромен објект на универзитетот во Тетово со спортска сала, реконструкција на многу училишта каде целосно или во најголем дел учат деца Албанци. Но што е уште поважно донесовме и крупни мултинационални компании кои изградија фабрики и нудат нови работни места за луѓето во тие региони. Ние не можеме да се делиме по етничка припадност”, заклучува Груевски во интервјуто за “Газета Експрес”.