Груевски за ФАЦ: Не се враќам во политиката, правдата ќе ја барам во Стразбур

Груевски во Будимпешта беше изведен пред суд по барање на Македонија за негова екстрадиција. Беше ослободен бидејќи експресно стекнал политички азил и оттогаш е сосема надвор од дофатот на македонските власти

Поранешниот премиер во интервју за “Франкфуртер алгемајне цајтунг” говори за делата што му се ставаат на товар и плановите за иднината. 

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски се надева на правда по обвинувањата со кои се соочи во поранешната татковина, но истата планира да ја бара во Стразбур, пред Европскиот суд за човекови права, а не пред македонските судови.
„Oмилениот бегалец на Орбан сака да се жали во Стразбур. Стариот живот е зад него”, пишува неделното издание на “Франкфуртер алгемајне цајтунг” (ФАЦ) и го цитира Груевски: „Немам намера да се враќам во политиката”.
Ова прво интервју на Груевски за западен медиум по неговото заминување од власт, наведува ФАЦ.
На прашањето дали неговиот случај може да се смета и како пресметка меѓу левицата и десницата во Европа, Груевски одбил да одговори. Објаснува дека повеќе не ја следи меѓународната политика толку многу. За време на 1.5-годишниот престој во Будимпешта научил и малку унгарски, но со премиерот Виктор Орбан се сретнал само еднаш.
Поранешниот македонски премиер избега од земјата спектакуларен/илегален начин во ноември 2018 година, два дена пред датумот кога требаше да се јави на издржување двегодишна затворска казна, откако беше правосилно осуден во случајот со набавката на службениот блиндиран “мерцедес”.
Неколку месеци претходно, додека бил пратеник во Собранието, тврди Груевски во ФАЦ, преку посредници му било нудено да гласа за Преспанскиот договор во замена за ослободување од кривичен прогон или намалување на казната. Тие посредници му биле директно испраќани од екс-шефицата на СЈО Катица Јанева и од премиерот Зоран Заев.
Новинарот на ФАЦ, Михаел Мартенс, пишува дека водел три долги, повеќечасовни разговори со Груевски – два во Скопје пред неговото бегство во Унгарија и еден во Будимпешта – со вкупна должина од повеќе од 6 часа. Повеќето од разговорите биле снимани, освен еден, кога двајцата опуштено разговарале во скопскиот ресторан “Пелистер”, каде како што сведочи Мартенс, Груевски бил постојано поздравуван од гостите и од граѓаните кои сакале да се сликаат со него. Една ипол година подоцна, двајцата повторно разговарале во хотел во центарот на Будимпешта, каде Груевски објаснува дека побегнал од земјата поради страв за сопствениот живот. ФАЦ пишува дека таквиот страв е логичен затоа што двајца други поранешни министри од владата на Груевски биле нападнати од Албанци додека биле во затвор (се работи за Спиро Ристевски и Миле Јанакиески). Дополнително, и одлуките на судовите во Шведска и Грција да не испорачаат неколку македонски државјани барани од СЈО за кривични дела поврзани со режимот на Груевски, ја оправдуваат критиката на експремиерот кон владеењето на правото во земјата, наведува ФАЦ. Груевски се надева дека ќе добие правда за кривичните дела кои му се ставаат на товар во Европскиот суд на правдата. За да стигнат неговите случаи дотаму, најпрво треба да се исцрпат правните лекови во Северна Македонија.
„Сите случаи против мене се исти: измислени, без никакви докази и политички мотивирани”, вели Груевски.
„Аудио снимките се манипулирани и сечени на различни начини”, тврди и понатаму Груевски, додавајќи дека илегално стекнати снимки како „бомбите” не можат да бидат доказ никаде во светот. Западот, тврди понатаму Груевски, не сака да ги критикува неправилностите во неговиот и многу други случаи, затоа што владата на Заев го реши спорот за името со Грција и ја внесе земјата во НАТО.

Останати вести