400.000 долари за гушкање коали

Опозициската Лабуристичка партија објави брошури „Трошипедија” и веб-страница Чувари на трошењето преку кои ја обвинува коалиционата влада дека троши премногу пари на непотребни работи, како 400.000 долари за „коала и настани поврзани со животни торбари.”

„Оваа влада е опседата со гушкање коали. Потрошила 400.000 долари од кои 133.000 долари министерката за надворешни работи Џули Бишоп ги дала за авионски превоз на четири коали до Зоолошката градина во Сингапур”, рече опозицискиот министер Пит Конрој.
„Потрошила околу 130.000 долари за да однесе дипломати во Западна Австралија каде гушкале торбари за промена.”
Не е познато како лабуристите дошле до овие податоци. Животните торбари во Австралија, како коали и кенгури, се цицачи што ги носат младенчињата во торба наместо во утроба и се голема туристичка атракција во земјата.
Во извештајот на лабуристите се спомнува и цената за изнајмување коала за време на самитот на Г20 во 2014 година во Бризбејн кога тогашниот премиер Тони Абот славно се закани дека ќе го „собори” рускиот претседател Вла­димир Путин.
„Тони Абот зборуваше како ќе го собори Владимир Путин, а на крај потроши 24.000 долари за да му дозволи да гушка коала.”
„Соборување” е австралиски спортски термин за совладување на играч од спротивниот тим.
Абот беше симнат од власт со партиски преврат лани во септември и на негово место дојде Малколм Тернбул.
Министерството за надворешни работи и трговија не беше достапно за коментар.

Останати вести