Австралиската пливачка легенда Грент Хекет мораше да се извини за пресметката со еден патник на лет до Мелбурн по што беше испитуван од полицијата.
Хекет, кој освои златни медали на 1.500 метри на Олимпијадата во Сиднеј во 2000 и четири години подоцна во Атина, според извештаите го штипнал патникот за брадавица откако му го земал местото во авионот. 35-годишниот Хекет, кој овој месец не успеа да се квалификува за Олимпијадата во Рио, потоа беше изнесен од авионот и испрашуван од полицијата на аеродромот во Мелбурн.
„Сериозно и искрено се извинувам за моето лоше однесување. Повторно направив грешка и работам на моите проблеми. Му се извинувам на господинот јавно и ќе се обидам да го направам тоа лично”, изјави Хекет.
Хекет претходно имаше сериозни проблеми со користење дрога и алкохол и призна дека станал зависен од средства за спиење. Пливачот беше во САД во 2014 каде што беше во клиника за рехабилитација, откако беше забележан гол во лоби во казиното во Мелбурн.