Хамилтон очекува доминација на Мерцедес и во новата сезона

Актуелниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, е убеден дека на Мерцедес му претстои уште една доминатна сезона во „летечкиот циркус”. Британецот го подигна победничкиот трофеј на 21 трка и се закити со титулата светски првак во претходните две години.

Во 2008 година ја освои првата титула во Ф1 со Мекларен, а во 2014 и 2015 година титулите ги освои возејќи ја „сребрената стрела”.
„Со оваа моќ што ја имаме ни претстои уште минимум една силна сезона. Имаме многу посилна основа на тимот од претходните години кога доминиравме така да сигурен сум дека нема да имаме осцилации во успехот” – убеден е Хамилтон во способностите на својот тим.
Покрај доминација на Мерцедес, Британецот предвидува сезона во која и тој ќе продолжи со ист победнички ритам.
„Задоволен сум од себе од минатата сезона, но сигурен сум дека оваа година ќе бидам уште подобар. Се надевам дека оваа година ќе бидам физички и психички посилен. Релативно млад сум, но предизвикот пред мене го гледам како некоја планина на која треба да се искачам. Тоа е тоа што ме мотивира” – објасни актуелниот првак.
Првиот предизвик за Хамилтон од новата сезона во Формула 1 е добро познатата патека во Мелбурн, на која ќе се отвори новата сезона на 20 март.

Останати вести