Хамилтон ита кон бесмртност, Шумахер се враќа на жешката патека

Новата сезона во Формула 1 стартуваше викендот со првата трка за Големата награда на Бахреин, а титулата ја брани седумкратниот шампион Луис Хамилтон.

Иако и оваа сезона Британецот важи за главен фаворит кога е во прашање титулата, сепак, поедини експерти, пред се Сајмон Лазенби од „Скај Спортс” верува дека пилотот на “Мерцедес” може да добие „жешка шлаканица” од Макс Верстапен. Тој дури го гледа возачот на “Ред Бул” како прв фаворит за шампионската круна.
– Хамилтон се раздели со својот пријател Марк Хајнс, кој започна нов бизнис. Тој потпиша нов едногодишен договор со “Мерцедес” пред пет недели, веќе постигна сè што сонуваше, а ако го престигне Михаел Шумахер по бројот на титули, мислам дека ќе ја заврши кариерата. Но, сега борбата меѓу Луис и Макс е интересна. Ако “Ред Бул” започне добро, ќе имаме одлично првенство. Мислам дека Верстапен е најдобриот возач во шампионатот. Јас почитувам сè што постигна Хамилтон, но Макс е гладен, бидејќи толку долго ја чека титулата, истакна Лазенби.
ХИБРИДНАТА ЕРА ЌЕ ПОЧЕКА
Иако се беше договорено за 2021 година да означи почеток на нова Формула 1, која на некој начин требаше да биде враќање во минатото, сепак, се појави коронавирусот кој се упропасти. Така, година дена ќе бидеме заробени во хибридната турбо ера во која еден тим доминира.
И не само тоа, затоа што испиша нови страници во историјата. Минатата сезона беше особено историска за “Мерцедес”, кој ја освои седмата последователна титула, како во конкуренција на возачи, така и на конструктори. За тоа, најзаслужен е Луис Хамилтон, кој стана најуспешниот возач на сите времиња, стигнувајќи до својата седма титула, шеста во последните седум години и поставувајќи нов рекорд по бројот на победи. Оваа сезона, тој има шанса да стане првиот осумкратен светски шампион во Формула 1 и дополнително да ја зацементира својата бесмртност.
ШТО СЕ ПРОМЕНИ МЕЃУ ДВЕТЕ СЕЗОНИ?
Она што сигурно ги погодува сите тимови, секако и најбогатите, е секако дека ограничувањето на буџетот стапи на сила. Според него, секој тим може да потроши максимум 145 милиони долари, што е сума што се однесува на 21 трка, а доколку ги има повеќе, таа сума се зголемува за еден милион по трка. Оваа граница не ги вклучува платите на возачите, оние за тројцата врвни лидери во тимот, како и трошоците за маркетинг, за кои нема ограничување. Во случај на кршење на буџетот, има неколку можни казни, вклучително и суспензија од трка или дури и дисквалификација од шампионатот.
Што се однесува до техничките регулативи, бројот на компоненти што на тимовите им беше дозволено да ги променат во споредба со минатата сезона е ограничен. Исклучок од тоа правило доби Мекларен заради фактот што британскиот тим го смени снабдувачот на моторот и се префрли од “Рено” на “Мерцедес”. Поточно, воспоставен е систем за токен што тимовите ќе можат да го користат за одредени подобрувања на различните компоненти.
ТРАНСФЕРИ
Покрај потпишаниот договор на Хамилтон со “Мерцедес”, главна тема во Формула 1 беше преминувањето на Себастијан Фетел од “Ферари” во “Астон Мартин”, чие име повторно се враќа во најбрзиот циркус на денешницата по пауза од шест децении. На местото на Фетел во “Ферари” е донесен Карлос Саинц, кој во “Мекларен” го замени Даниел Рикардо. Неговото заминување од “Рено” (Рикардо), кој од пред две години е преименуван во “Алпин”, направи простор за враќање на двократниот шампион, Фернандо Алонсо. Комплетната возачка постава ја промени тимот на “Хас”, кој го донесе Мик Шумахер, синот на легендарниот Михаел, како и Никита Мазепин, а се раздели со Роман Грожан и Кевин Магнусен. Трет дебитант оваа сезона ќе биде Јуки Цунода, кој ќе вози за “Алфа Таури”, на местото на Данил Квијат. Промена на болидот направи и Серхио Перез, кој во следната сезона ќе ги брани боите на “Ред Бул”.

(Вечер)

Останати вести