Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во петокот го посети Скопје, во рамките на европскиот надзор за тоа како се спроведува Договорот од Пржино.
Тој најави целосна поддршка за новиот специјален обвинител, игнорирајќи ги сосема забелешките дека законот со кој е именуван ќе биде оспорен од Уставниот суд.
„Очекувам на новиот специјален обвинител да му бидат дадени неопходните ресурси и поддршка за да ја заврши задачата пред која е исправен”, рече Хан, поздравувајќи го именувањето на Катица Јанева како голем чекор напред и како завршена работа. Притоа, тој порача дека е од огромна важност справувањето со корупцијата, нешто што го гледа како процес од кој очекува не само најави туку и резултати. Порачувајќи дека во наредниот период треба да се разрешат проблемите што се создаваа во изминатите месеци, па и години, Хан сепак заклучи дека Македонија сега е на добар пат, но се уште не стигнала до целта и дека нештата треба да се сменат на одржлив начин.
„Пречките на скалите до рајот се поминати. Се надевам на промена на политичката клима”, заклучи Хан.