Владејачката воена хунта во Мјанмар ги укина сите безжични интернет услуги во обид да ја стават под контрола комуникацијата и пораките во земјата.
Демонстрантите кои секојдневно протестираат против воениот удар од 1 февруари, користат Интернет за да ги организираат своите митинзи, а во петокот повеќето граѓани на Мјанмар останаа без пристап до Интернет, откако телекомуникациските компании добија упатства од Министерството за транспорт и врски да ги запрат услугите за безжичен интернет.
Си-Ен-Ен наведува дека извештаите на ООН покажуваат дека паралелно со запирање на протокот на информации, безбедносните сили во Мјанмар привеле десетици новинари, како и граѓани кои разговарале со медиумите.
Хјуман рајтс воч во петокот рече дека стотици луѓе, политичари, избрани функционери, новинари, активисти и демонстранти исчезнаа за време на военото владеење.
Здружението за помош на политички затвореници (ААПП), со седиште во Тајланд, наведува дека најмалку 543 лица биле убиени во насилството врз демонстрантите против воениот удар во Мјанмар, пренесува Си-Ен-Ен.