Харадинај останува во Франција

Апелацискиот суд во францускиот град Колмар за 6 април го одложи донесувањето одлука за барањето на Србија за испорачување на Рамуш Харадинај поради сомневање дека извршил воени злосторства на Косово.

Истражниот совет во согласност со барањето на Обвинителството наложил доставување дополнителни информации за Харадинај, а следното рочиште е закажано за 6 април, изјави за Танјуг, Мари Елен Калвано од Генералниот секретаријат на Судот.
Харадинај и натаму нема да може да ја напушта територијата на Франција до конечната одлука на Судот, кој по вторпат ја одложи својата одлука.
Задача на судот во Колмар е да утврди дали се исполнети условите за испорачување, кои ги предвидува Европската конвенција за екстрадиција, која не го орочува донесувањето одлуки, додека постапката за одлучување на тој Суд се води во согласност со процесните закони на Франција.
Харадинај изјави дека одлуката на Судот во Колмар за повторно одложување на давањето мислење за барањето на Србија за негова екстрадиција е срамна и политичка одлука. „Јас сум политички заложник. Судот им даде уште еден месец на српските власти да достават информации. Тоа е политичка одлука, а ова што се случува е непријатно”, рече Харадинај пред зградата на Судот.
Тој повтори дека борбата на ОВК е веќе разгледувана пред Хашкиот трибунал.
Судницата била полна со симпатизери на Харадинај, а неколку стотици Албанци, кои чекаа пред зградата на судот, ја пееја химната на Албанија и носеа албански знамиња, пренесе Б92.
Харадинај, кој е лидер на опозициската Алијанса за иднината на Косово, е уапсен на 4 јануари на границата со Швајцарија и Франција по српската потерница, а Србија потоа испрати барање до Франција за негово екстрадирање.
Истрагата против Харадинај во Србија е почната во 2004 година, а во јануари е проширена со нови обвиненија и нови докази, кои се проследени до Судот во Колмар.
На Хардинај му се судеше во Хашкиот трибунал за воени злосторства на Косово, но во 2012 година е правосилно ослободен од сите обвиненија.
Србија го бара Харадинај поради обвиненија дека извршил кривични воени злосторства против цивилното население на Косово во периодот 1998-1999 година, а Белград тврди дека станува збор за дела кои не се предмет на судење во Хаг.

Останати вести