Минатиов викенд започна турнејата на Јордан Митев со Гонце Гогова и со концертите што се одржаа во Фераро и Шелдон Рецепција. Јордан важи за еден од најплатените фолк-пејачи, баран во дијаспората, а во Австралија има гостувано повеќе пати и, како што публиката го знае и памети, секогаш салите се преполни.
Тој е пејач, кантавтор и мултиинструменталист, свири на пијано, кавал, на гајда, зурла и на други инструменти. ММК “Никола Карев” навистина има направено полн погодок во изборот на квалитетот кој ви го претставува со овие концерти.
Додека бев присутен на концертот кој пленеше со енергијата што ја вложува младиот уметник Јордан Митев (29), се сетив што имав напишано за неговата прва турнеја во Австралија во 2010 година.
“Нешто што посебно ги воодушеви сите присутни на овие концерти е најголемото откритие од Македонија по Тоше Проески, младиот Јордан Митев кој што може едноставно да се опише како комплетен уметник. Маестрално свири на кавал, зурла и гајда, автор е на музика, текст а исто така е и пејач. Едноставно тој е вистински шоумен. Бидејќи Јордан е навистина млад, изненадува што толку од неговите песни веќе ги имаме слушнато порано но за жал многумина од нас не сме знаеле дека тој е изведувачот на истите. Уметник од ваков калибар ретко се раѓа и ви препорачуваме да го видите лично на концерт, со што ќе се уверите во неговиот вонсериски квалитет. Многумина од нас не знаеја колку беше голем Тоше Проески додека не го загубивме.”
Дознаваме дека поради големиот интерес за концертите со Јордан Митев и Гонце Гогова, во организација на Македонското младинско друштво “Никола Карев”, во петок, на 30 октомври, ќе се организира дополнителен концерт во Мелбурн, во просториите на Фераро Ресепшон.












