Австралискиот новинар и професор, Пол Антонопулос, тврди дека западната приказна „не држи вода” и оти станува збор за валкана кампања. Антонопулос укажува и на низа недоследности од теренот – како што е реакцијата на т.н. Бели шлемови, сомнителните докази и слично.
Доказите и снимките, кои беа пренесени од светските медиуми, ги доведуваат во прашање обвинувањата на Западот до сирискиот лидер Асад, дека тој стои зад наводниот напад со хемиско оружје во провинцијата Идлиб. Австралискиот новинар и професор, Пол Антонопулос, тврди дека западната приказна „не држи вода” и оти станува збор за валкана кампања. Па, така, според него, симптоматична е реакцијата на ЕУ, која ја осуди владата на Асад уште пред да биде спроведена истрага и да се појават какви било докази. Покрај тоа, Антонопулос укажува и на низа недоследности од теренот – како што е реакцијата на т.н. Бели шлемови, сомнителните докази и слично. Од друга страна, поделени се и мислењата за официјалното објаснување на Москва – дека сириски воени авиони погодиле склад со хемиско оружје на бунтовниците. Официјален Дамаск енергично ги демантира обвинувањата дека користел хемиско оружје во нападот, во кој животот го загубија околу 80 лица.
– Уште пред да биде спроведена истрага, и да бидат понудени некакви докази, шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, изјави дека режимот на Асад ја сноси одговорноста за „грозниот хемиски напад” во Сирија. Брзото обвинување од висок претставник на ЕУ служи како опасен преседан, каде што јавната осуда може да биде направена уште пред да се појави вистината за трагедијата – пишува Антонопулос, заменик-уредник на Ал-Масдар њуз и професор на неколку универзитети во Сиднеј. На осудата, според него, ѝ се приклучија и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како и меѓународната организација „Амнести интернешнл”. Антонопулос истакнува дека само неколку часа по наводниот сириски напад, почнаа да се појавуваат „дупки” помеѓу опозициските извори, кои ги дискредитираат обвинувањата на Белите шлемови, хуманитарна група поврзана со Ал каеда.
– Прво, претставници на Белите шлемови ракуваат со телата на убиените без доволна заштитна опрема, првенствено без гас-маски и ракавици. Само неколку секунди од изложувањето на сарин, ефектите од гасот почнуваат да ги напаѓаат нервниот и мускулниот систем. Кога се употребува сарин во густо населена област, може да убие илјадници лица. Сепак, и покрај присуството на толку опасен гас, Белите шлемови ракуваат со труповите без грижа дека ќе бидат изложени – посочува австралискиот новинар.
Според него, чудно е и однесувањето на докторите во болницата, каде што биле пренесени жртвите од нападот, кои имале време за социјални мрежи и покрај големиот број ранети. Покрај тоа, локални извори тврдат дека повеќето од убиените во хемискиот напад, всушност се лица што беа киднапирани пред една недела од терористите на Ал каеда во Маџдал и во Катаб.
– Тоа би сугерирало дека во пресрет на претстојните мировни преговори, терористите повторно создаваат лажно сценарио. Тоа потсетува на нападот со хемиско оружје во Гута во август 2013 година, кога сириската армија беше обвинета дека користела оружје за масовно уништување и тоа на денот кога инспектори за оружје на ОН пристигнаа во Дамаск. Карла дел Понте, инспекторката за оружје на ОН, подоцна изјави дека нема докази оти владата стои зад масакрот – тврди Антонопулос, додавајќи дека тоа сепак не ги запре повиците за интервенција против Асад.
Сите докази, според него, укажуваат на тоа дека станува збор за уште еден „лажен напад”, како оној во Гута, каде што терористичките групи се надеваа дека ќе биде пречекорена „црвената линија” на Обама и ќе почне американската интервенција против владата во Дамаск.
Сириската влада ги демантираше обвинувањата, а шефот на дипломатијата Валид Ал-Муалем изјави дека не е логично војската да користи такво оружје.
– Сакам да нагласам дека нашата армија не употреби хемиско оружје и нема да употреби хемиско оружје. Ниту против цивили, ниту против терористите – истакна Ал-Муалем.
Во меѓувреме, Русија порача дека некои земји неуспешно се обиделе конференцијата за Сирија во Брисел да ја насочат кон наводната вмешаност на Дамаск во хемискиот напад. Москва тврди дека инцидентот се случил откако сириската авијација извршила напад врз магацин со хемиско оружје. Експертот за хемиско оружје, Хамиш де Бретон-Гордон, сепак оценува за Би-би-си дека руската верзија е „мошне нашминкана”.
– Идејата дека нервен отров, како што е сарин, може да се распространи по бомбардирање на местото каде што се произведува, е мошне неодржлива – вели Бретон-Гордон.
Но, Британецот Џери Смит, кој беше на чело на мисијата на ОН за уништување на сириското хемиско оружје, пак, тврди дека не може сосема да се исклучи верзијата на Кремљ.
– Доколку таму бил складиран сарин и била употребена конвенционална муниција, има голема веројатност некоја од тие хемиски муниции да не била истрошена и да биде испуштен течен сарин, кој го погодил населението – заклучува Смит.
Можен е директен судир меѓу Америка и Русија во Сирија
Откако го осуди американскиот ракетен напад врз Сирија, Русија објави дека се повлекува од договорот што го имаше со Америка, а кој се однесува на намалување на бројот на инцидентите меѓу воените авиони на двете земји за време на акциите во Сирија. Руското министерство за надворешни работи побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН.
Нападот на американските сили отвора можност за директен судир со Русија, која таму има копнени сили и напреден одбранбен систем способен за соборување на американски авиони и проектили, пишува Вашингтон пост.
Руските војници се помешани со сириските сили во базите и на линиите на фронтот и во секој напад врз сириските воени цели може да бидат загрозени руските војници. Интерфакс соопшти дека во американскиот напад нема жртви од руските редови. Пред нападот портпаролот на Пентагон, Џеф Дејвис, рече дека „американските воени планери презеле мерки на претпазливост за да се намали ризикот за рускиот или сирискиот персонал на аеродромот”.
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, го отфрли тврдењето дека американскиот напад бил одговор на Асадовата употреба на хемиско оружје, велејќи дека станува збор за „покажување сила што било планирано однапред”.
„Сè поголема е можноста за директен конфликт меѓу Русија и САД, а последиците би можеле да бидат најтешки, вклучувајќи и воен судир”, рече Михаил Јемелјанов, член на Долниот дом на рускиот парламент, додавајќи дека нападот ѝ пратил погрешна порака на опозицијата на Асад и го поткопал мировниот процес.
Руско-американските односи во моментов се на најниската точка во последната деценија, а Русите му замеруваат на Трамп и што не му се јавил на Путин да му изрази сочувство по терористичкиот напад во метрото во Санкт Петербург.