Селекторот на холандската фудбалска репрезентација, Франк Де Бур, го објави списокот на играчи на кои ќе смета за престојното Европско првенство.
Холандија ќе игра во истата група со Македонија, а нашата репрезентација ќе се соочи со „лалињата” во последниот натпревар од групната фаза на 21 јуни во Амстердам.
На списокот, очекувано, го нема Вирџил ван Дајк, кој е отсутен повеќе месеци поради тешката повреда, а Де Бур ги отпиша и ветераните Рајан Бабел и Кевин Стротман, кои не најдоа место на поширокиот список.
Наместо Ван Дајк, повик доби 19-годишниот стопер на Ајакс Јуријен Тимбер, кој може да игра и како десен бек. Местото на Бабел го презеде Коди Гакпо од ПСВ Ајндховен. Во тимот се враќа и Рик Карсдорп од Рома, кој се наметна како стандарден десен бек кај „Волчицата” и се избори за враќање во репрезентацијата по прв пат од март 2017 година. Но, прашање е дали ќе оди на ЕУРО, бидејќи Де Бур на таа позиција ги има и Дензел Дамфрис, Кени Тете, Јоел Велтман и Ханс Хатебур. На списокот се најде и Анвар Ел Гази, 26-годишниот крилен фудбалер кому оваа сезона одлично му оди во Астон Вила.
Холандија ги почнува подготовките за ЕП на 24 мај, а два дена подоцна Де Бур ќе го скрати списокот на конечните 26 имиња. Пред турнирот ќе одиграат пријателски натпревари со Шкотска и Грузија.
Натпреварувањето на ЕП го почнуваат на 13 јуни со Украина, а четири дена подоцна играат со Австрија, пред да го одиграат мечот со нашата репрезентација. Сите натпревари Холанѓаните ќе ги играат на „Јохан Кројф Арена” во Амстердам.
Голмани: Марко Бизот (АЗ Алкмар), Јаспер Силесен (Валенсија), Тим Крул (Норич), Мартен Стекеленбург (Ајакс).
Одбрана: Кени Тете (Фулам), Патрик ван Анхолт (Кристал Палас), Нејтан Аке (Манчестер Сити), Дејли Блинд (Ајакс), Дензел Дамфрис (ПСВ Ајнхдовен), Ханс Хатебур (Аталанта), Рик Карсдроп (Рома), Матијс де Лихт (Јувентус), Џеремаја Сент Жуст (Мајнц), Јуријен Тимбер (Ајакс), Јоел Велтман (Брајтон), Стефан де Фрај (Интер), Овен Вајндал (АЗ Алкмар).
Средина: Дони ван де Бек (Манчестер Jунајтед), Рајан Гравенберх (Ајакс), Френки де Јонг (Барселона), Дави Класен (Ајакс), Тон Копмајнерс (АЗ Алкмар), Мартен Де Рон (Аталанта), Тони Вилена (Краснодар), Жоржињо Вајналдум (Ливерпул)
Напад: Стивен Бергујс (ПСВ Ајнхдовен), Стивен Бергвајн (Тотенхем), Анвар Ел Гази (Астон Вила), Коди Гакпо (ПСВ Ајндховен), Лук де Јонг (Севиља), Доњел Мален (ПСВ Ајнхдовен), Мемфис Депај (Олимпик Лион), Квинси Промес (Спартак Москва), Вут Вегхорст (Волфсбург).