Министерот за правосудство Анте Шпрље верува дека до крајот на годинава би можел да се промени Уставот во прашањата кои се прифатени како „општи вредности”, како незастарување на военото профитерство и приватизацискиот криминал, додека за 2017 година најавува понатамошни чекори во реструктурирање на организацијата на судовите што го покрена неговиот претходник.
Во разговорот за Хина, новиот министер, кој на таа должност дојде од квотата на Мост, детално зборуваше за реформите во правосудството. „Не би зборувал за другите сектори, но што се однесува до правосудството, тоа секако е незастарување на военото профитерство и приватизацискиот криминал, со тоа што сме отворени за расправа за незастарување на тешки убиства. Имаме и други теми како реформи во регулацијата на Уставниот суд, но тоа е малку во сферата на правосудството, а повеќе договор на политичко и правно ниво. Мислам дека е можно Уставот да се промени веќе во оваа година. Она што го слушаме од сите страни е дека сите политички опции се подготвени за промена на Уставот и дека тоа го сакаат барем во оние делови каде што прифаќаме дека постојат општи вредности, а тоа е незастарување на военото профитерство и приватизацискиот криминал, бидејќи мислам дека како општество созреавме и дека треба да се испрати јасна порака до оние кои со години го уништуваа општеството, дека дојде време да платат за она што го направија. И да се испрати јасна порака до јавноста дека државата нема да биде извор за кражби, туку само наш покрив кој ќе не’ штити подобро да живееме.”
(Индекс.хр)