Хрватските медиуми, анализирајќи ги препораките на Европската комисија за Западниот Балкан, пишуваат дека Хрватска сега ги држи во рака сите соседи кои сакаат во ЕУ и тоа поради границите.
Она што хрватските медиуми го издвојуваат како битно во најновата Стратегија за Западниот Балкан е тоа што прашањето на конечното членство на Србија и Црна Гора, како и другите западнобалкански претенденти за членство, ќе биде условено со решавањето на билатералните гранични прашања.
Во тој контекст ја цитираат и изјавата на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер дека нерешеното прашање на спорот на Хрватска и Словенија мора итно да биде решено.
Хрватските медиуми притоа истакнуваат дека Јункер предупреди дека во иднина нема да се дозволува влез на држави со меѓусебно отворени гранични прашања, дека во нерешениот арбитражен спор меѓу Љубљана и Загреб станува збор за билатерално, но и европско прашање.
Новата стратегија на Комисијата и предупредувањата дека нема да има членство пред решавањето на сите отворени гранични прашања не се однесува на Словенија бидејќи таа земја нема проблеми со почитувањето на владеењето на правото, судските одлуки и арбитражните решенија туку на Хрватска, истакнува Борут Шукље, аналитичар и консултант, поранешен амбасадор на Словенија во Србија.
Тој за Јутарњи лист кажа дека очекува сега да се изврши притисок врз Хрватска која има нерешени гранични прашања со сите, освен со Унгарија, со тоа што една од тие држави е Србија, а ЕУ е заинтересирана таа да стане членка на Унијата.
Остар коментар има и мариборскиот весник Вечер кој тврди дека ваквата стратегија на ЕУ е погрешна биејќи таквиот пристап со условување со граничните спорови ќе доведе до тоа „целиот регион да стане заложник на Хрватска”.
Јутарњи лист оценува и дека Европската комисија, иако во Стратегијата го наведе проширувањето како приоритет, на патот до членството стави толку пречки што проширувањето во скоро време не е воопшто реално, а Јункер сето тоа го „зачини” со изјавата дека нема проширување без решени гранични спорови, што особено ќе влијае врз Србија.
„Така речиси целиот Балкан може да стане заложник на официјален Загреб. Хрватска нема решено гранично прашање со ниедна соседна држава освен Унгарија. Тоа значи дека е во потенцијален конфликт со Србија околу границата на Дунав, со Црна Гора околу морската граница и Превлака, и со БиХ во речиси цела должина на границата. Може сликовито да се каже дека Хрватска сега го држи Балканот „за јајца””, заклучува мариборски Вечер.