Хуманитарен концерт на дел од естрадата во Охрид
Елена Велевска, која минатата седмица организираше хуманитарен концерт во Охрид на кој учество земаа и голем број нејзини колеги, успеала да собере само $ 3,000 кои ќе ги донираат за настраданите од поплавите.
Фолкерката вели дека сумата можеби не е голема, но таа сепак е задоволна од одѕивот и смета дека, со оглед на тоа што имале многу малку време за организација, ова е и повеќе од доволно.
– Имав само два дена за да организирам се. Им благодарам на сите мои колеги кои веднаш без размислување прифатија да бидат дел од овој концерт меѓу кои беа Наум Петрески, Зуица Лазова, Татијана Стефановска, Ѓоко Таневски и Боби Мојсовски. Програмата траеше еден час и успавме да собереме 2 000 евра. Апелирам до колегите да организираат други концерти низ земјата, сега е време да се сплотиме и да им помогнеме на нашите сожители кои изгубија се што имаа во поплавите кои го зафатија Скопје, појасни Елена која изрази благодарност и до Општина Охрид што во рок од 48 часа успеала да обезбеди се што е потребно за одржување на концертот.
Кон акцијата се вклучи и синџирот маркети „Тамаро” од Охрид донирајќи средства за хигиена, пелени, прехранбени продукти и вода.
Хуманитарен концерт во клубот „Кадмо”во Охрид одржаа и Тајзи и Спејко кои целиот хонорар и собраните средства од настанот ги донираа за поплавените подрачја.
Донираа Каролина и Продиџи
Каролина Гочева меѓу првите донираше $ 1,400 на сметка на Црвениот крст на Македонија.
И британската група “Продиџи”, која во саботата имаше концерт во Охрид, уште пред да дојде во Македонија објави дека ќе донира за поплавените.
„Сочувство за настраданите Македонци и оние кои беа погодени од поплавите. Ние ќе донираме во македонскиот Црвен Крст. Почит за сите жртви, нивните фамилии…”, беше пораката што момците од “Продиџи” ја испратија до Македонија.
Од Авалон продукција, организаторите на настанот, велат дека не како промотери, туку како Македонци им се благодарни што сами се сетиле и што овој гест е исклучиво на нивна иницијатива.