Во Македонската oпштина при црквата “Св. Пророк Илија” од Квинбијан се славеше три дена големиот верски и национален празник Илинден.
Започна на 2 август со свечана литургија во црквата “Свети Илија” со свештениците Ѓорѓи Митев и Радојче Митрев. По службата кумовите Наум и Милена Ѓорески со семејството приредија свечен ручек за сите присутни.
Во саботата, на 4 август, се одржа голема игранка во која зедоа учество: Македонското училиште „Св. Климент Охридски” од Канбера со учителката Сања Целеска, со своја програма и КУД “Разиграна Македонка” која при нивниот настап беше поздравена со бурни аплаузи…
Учество зеде и МЛД „Ванчо Николески” со читање на поезија од локални автори. Програмата започна со пригоден говор на свештеникот Ѓорѓи Митев. Потоа Наум Трајчески прочита реферат за значењето на “ИЛИНДЕН”.
Роза Ночевска го започна поетското читање со песната “Sвездени вечери” од Ванчо Николески, Сања Целеска со песната “О, Македонијо” од Наум Трајчески. Локалниот поет Ристо Ристески се престави со негови творби: “Караорман” и две други. Поетесата Велика Гатсис ја загреа публиката со нејзината убава песна посветена на „Војводата Христо Узунов” и уште една друга. Програмата ја заврши поетот Наум Трајчески со неговата песна “Временски лузни”. Меѓу другото Н. Трајчески им порача на присутните: „Да не дозволиме да се занемари Македонскиот јазик како заборавено пенкало во училиштните клупи”.
И за крај Н. Трајчески ги поздрави присутните:
„Ве поздравувам со нешто:
– Како небо високо !
– Како поле широко!
– Како море длабоко!
А тоа е
моето искрено ЈАС,
со посебна почит
кон сите вас”.
Наум Трајчески
КАРАОРМАН
О, прекрасен Караорман
дај ми малку надеж,
ти висока планино
да ублажам јадеж.
Под тебе, планино
стои едно село,
под тебе рудино
како јако врело.
О, наше село бедно
без столче и седло,
и вие наши места
исполнети со песка.
Ниви мали и пусти
израснати в трње густи,
нема рака вредна
да истера мака бедна.
Ристо Ристески
ВРЕМЕНСКИ ЛУЗНИ
Време е да ги симнеме
мрежите од пред очи,
да се препознаеме себеси
по кој пат сме кинисале.
Време е да престанеме
да ги слушаме саѓосаните лаги,
под мрачниот ни превез
над главите што ни виси.
Дојден е часот да кажеме се…
што со годините се збрало,
во чемерните ни души
од грди лузни ишарано.
Чесно е да го прегрнеме
сопственото име:
– грозно извалкано, свирепо понижено
како здивот наш, како лебот.
Од поодамна требаше
да го пресечеме јазолот
oд натрупаните налепници,
да го олесневме товарот.
Нашето име, наше да е…
со туѓи желби да не се китиме,
не е доцна нашето наше да е,
да си ја исполниме празнината.
Време е да се распердушат лагите,
да се престориме невреме, за неканетите.
Та внуците наши, распеана да ја видат,
таа наша, таа мила Република Македонија
Наум Трајчески
ВОЈВОДАТА
ХРИСТО УЗУНОВ
Божано млада невесто,
виде ли виде комити,
во ваше село влегоа?
Ги видов брате Ѓорѓија,
дванаесет млади војводи,
со долги бради на гради.
Кога сред село минаа,
на Шарена чешма застанаа,
студена вода пиеја.
Во куќата на Аврам влегоа,
околу софра поседнаа,
леб и сол со лути пиперки јадеа,
меѓу себе тивко си зборуваа:
„Смрт или слобода за Македонија”
Брате ле брате Ѓорѓија,
темен се облак зададе,
од висок чардак јас гледав.
Турски аскер кон село идеше,
брзо во село влегуваше,
селото Цер го сардисаа.
Селаните пред Црква ги собраа,
стари, млади и дечиња,
во круг сите ги наредија.
Тие за комитите прашуваа,
да се предадат бараа.
Лоши си думи рекоа,
селото да го запалат,
прав и пепел да го направат.
Силен оган Турците отворија,
со пушки пукаа и од топот,
со ѓулиња во куќите фрлаа.
Комитите со оган им одвратија,
борбата беше нерамна,
со малубројните комити.
Комитите во купче се собраа,
и тешка клетва чесно зедоа:
„Живи да не се предаваат”.
Од сите страни сардисани,
можеби од некој беа предадени.
Решија нивните животи
сами да си ги одземат,
живи да не се предаваат.
Во куќата на Аврам
дванаесет истрели се слушнаа,
потоа Турците внатре влегоа,
од одаја надвор ги извлекоа,
во дворот ги полегнаа.
Како јунци големи!
Како тополи високи!
Кој во глава, кој во срце,
од куршуми сите застрелани.
Сред ден небото се затемни,
силно ечеше, Цер се тресеше,
војводи од мајки делеше,
Запукаа силни громови,
небо и земја се состави,
силен дожд се истури.
Старо и младо заплакаа,
за војводата Христо Узунов
и неговата дружина.
Велика Гатсис