Вкупно пет сезони, почнувајќи од втората, на најпопуларната филмска серија „Игра на тронови” се снимени во еден од најубавите градови во Хрватска -Дубровник.
Некогашната Дубровничка Република неколку години со ред станува дом на борците за Железниот престол, а тоа им резултира со вртоглав пораст на бројот на туристи од година на година. Серијата, која е адаптирана според серијалот романи на Џорџ Р.Р. Мартин, од сезона во сезона сè повеќе се оддалечува од изворниот текст.
Во Дубровник деновиве во секоја продавничка, бар, кафетерија, ресторан, сендвичарница, слаткарница ќе најдете по нешто што е поврзано со „Игра на тронови”. Дубровчани отвораат и специјализирани сувенирници каде што туристите може да си набават маички со филмските ликови, играчки, крпи, свеќи, приврзоци, облека како онаа што се носи во серијата, па сè до престилка и ракавици за готвење.
Многумина од трговците на своите влезови од дуќаните го испишале насловот на серијата со цел да ги привлечат посетителите да влезат токму кај нив.
Од пред две години активно се нудат и турите околу Дубровник со конкретизирани локации каде што се снимале филмските сцени.
Овие тури кај странците, особено кај Американците, поминуваат како алва. Туристичките водичи велат дека овие тури сега сè повеќе се бараат отколку оние класични тури за историјата на Дубровник. Тие издвојуваат дека многумина од младите Американци прашуваат дали тврдините се изградени специјално за снимањето на серијата, па приказните тогаш се споени, малку историја, малку „Игра на тронови”.
Дубровник, инаку, важи за еден од најскапите градови во Хрватска, а тоа се забележува и по цените на турите што се нудат.
За туристичка прошетка низ „Игра на тронови” во времетраење од два часа ќе треба да платите $ 35, а за деца под 12 години е бесплатно. Се нудат и комбинирани тури со пешачење и автобус од пет часа и чинат $ 77, или пешачење и брод во времетраење од 4 до 8 часа за цена од $ 73.
Може да добиете и комплетна тура од пешачење, автобус и брод во траење од 7 до 10 часа за цена од $ 120.
Овие понуди најчесто ќе ги сретнете на влезот во Стариот Град, односно „Пиле Гејт”, што исто така влегува во локации каде што е снимена серијата.
Туристичките водичи во текот на турата ги објаснуваат сцените коишто тука се снимени од „Игра на тронови”.
Тие се надеваат дека и оваа година во октомври и ноември филмската екипа повторно ќе го окупира градот за потребите на седмата сезона, за која се шпекулира дека ќе излезе подоцна од вообичаеното. Последните информации што кружат се дека можеби и самите продуценти ќе одлучат крајот на серијата да биде независен од оној во романите.
Покрај инвазијата на сувенири од „Игра на тронови”, во Дубровник се забележуваат и хероите од „Војна на ѕвездите”, филм за кој исто така неколку сцени се снимени во стариот дел на градот. Водичите велат дека сè уште не нудат туристички прошетки за овој филм, бидејќи тој треба да излезе во 2017 година. За следната летна сезона се надеваат дека и тие тури ќе бидат еднакво атрактивни за посетителите како и оние за „Игра на тронови”.

(“Телеграф.мк”)