Наближува денот кога МКУД “Јане Сандански” од Мелбурн ќе замине на промотивна турнеја во Јапонија.
Младите играорци ќе земат учество на интернационалниот музички фестивал “Кенсаи” во Осака, а ќе имаат и дополнителен настап во Токио. Турнејата е планирана да трае една недела, поточно од 22 до 30 септември, ќе одат вкупно педесетина луѓе, претежно од првата група и дел од средната група заедно со родители што ќе се грижат за децата.
По тој повод го контактиравме долгогодишниот кореограф на друштвото Кочо Стојчевски кој ни соопшти дека се подготвува пригоден сценски настап од 45 минути со избор на песни и ора.
Во него се планирани четири сплетови со изворни ора и игри од: повардарие, источна Македонија, преспански и сплетот посеље. Посебен акцент ќе се стави на изворните народни ора бидејќи Јапонската публика е голем љубител на Македонската култура и сакаат да го почувствуваат културниот печат што го има нашето поднебје.
Покрај настапот на Светскиот музички фестивал, се планира и настап во училиште во Осака и средба во Македонската амбасада во Токио.
Им посакуваме пријатен пат. Тие порачаа дека ќе ја претстават нашата заедница и македонскиот фолклор во најубаво светло.
