Mакедонско-хрватска полициска патрола откри илегални мигранти во комбe кај Удово

Обидите за криумчарење на мигрантите не запираат.

Мешан полициски тим откри нова група од 24 лица кои биле превезувани со товарно возило “форд транзит” со скопски регистарски ознаки. Возилото било забележано од страна на полицајци од полициската станица Богородица и Република Хрватска на магистралниот пат Гевгелија – Скопје. Возилото кое се движело со голема брзина во правец на Демир Капија полицијата го забележала во близина на Удово и веднаш се упатила по него. Кај месноста викана Арсови Лаки дале знак за запирање, но наместо да застане тоа ја зголемило брзината и продолжило да се движи по земјен пат. Кратко потоа возачот го запрел возилото и избегал, а полицијата при контролата открила 24 лица од кои 16 државјани на Авганистан, тројца од Ирак и пет од Иран.
По откривањето мигрантите биле донесени во полициска станица во Неготино, а по консултација со јавен обвинител седуммина од нив биле сместени во прифатниот центар за странци на МВР, а останатите 17 лица се вратени во Грција. Во меѓувреме полицијата презема мерки за пронаоѓање на возачот кој управувал со возилото и целосно расчистување на случајот.
Обидите за нелегални премини и криумчарењето на мигрантите зачестија откако беше поставена оградата на јужната гранична линија и затворена границата, но истите брзо се откриваат од страна на безбедносните сили кои се распоредени на најкритичните точки.

Останати вести