Тромбонистот Илиески на турнеја со „No borders orchestra“

Тримесечната турнеја е продолжение на минатогодишната турнеја што овој оркестар ја имаше низ европските центри на културата

На турнеја во Австралија, на фестивалот во Бризбен од 15 до 19 септември заминува македонскиот тромбонист Виктор Илиески. Тој на турнејата заминува со балканскиот „No borders orchestra” кој го сочинуваат музичари како од Македонија, така и од Србија, Словенија и од Хрватска. И покрај Австралија, ќе има настапи во Јужна Кореја и Германија.
Турнејата е продолжение на минатогодишната турнеја што овој оркестар ја имаше низ европските центри на културата. Турнејата е во организација на продуцентската куќа „Third World Bunfight” од Јужна Африка, а опфаќа изведба на делото „Магбет”, за кое минатата година оркестарот доби голем број позитивни критики.
– Уживање е да се биде дел од тимот што го заобиколи светот со успешни изведби. Претставите во целиот свет се организираат на највисоко можно ниво, а продолжувањето на соработката со продукцијата од Јужна Африка зборува за квалитетот на овој мешовит оркестар – вели Илиески.
Илиески е дел од ансамблот на Македонската филхармонија, член е на Биг бендот на МРТ, а настапува и со оркестарот „Фејмс” за филмска музика.

Останати вести